Студиите по машинство започнуваат есента 1959 година на Техничкиот факултет во Скопје во чии рамки беше формиран Електромашинскиот отсек. Во 1965 година, пак, во рамките на Универзитетот Св. Кирил и Методиј е основан Електромашинскиот факултет со два оддела – електро и машински по што во 1977 година е формиран Машинскиот факултет.
Факултетот денеска во својот состав има шест институти и еден оддел, а секој од институтите располага со соодветно опремени лаборатории кои ги има вкупно 20 на број. На Факултетот досега дипломирале 8.891 инженер, од кои 827 магистрирале, а 185 докторирале. Во моментов Машинскиот факултет има капацитет да едуцира 1.200 студенти на 10 студиски програми на првиот циклус на студии, 100 студенти на 15 студиски програми на вториот циклус и 20-тина студенти на третиот циклус на студии.
-Ќе направам се што е во наша моќ Машинскиот факултет и во иднина да остане во тек со светските трендови кои се случуваат во науката и едукацијата во полето и областите кои се предмет на наш интерес, порача деканот на Машинскиот факултет проф. д-р Златко Петрески.
Нагласи дека ќе продолжат посветено да работат на создавање на кадри кои, како што рече, ќе бидат способни да ја носат иднината на грбот на своите компетенции и знаења.
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова посочи дека машинското инженерство е поле кое од секогаш било во редот на најзаслужните во делот на иновации и развој.
-Тоа е дисциплина која бара не само техничка експертиза, туку креативност, отпорност и потрага по извонредност. Машинскиот факултет отсекогаш бил светилник на извонредност, место каде што се поттикнува креативноста. Од самото негово основање визијата била јасна – да се артикулира простор каде љубопитноста се среќава со експертизата, каде студентите се трансформираат во лидери и каде идеите еволуираат со нови технологии, рече Ангелова.
Студентите, како што кажа, на Машинскиот факултет доаѓаат со соништа, а заминуваат како иноватори и стручњаци кои се подготвени да се справат со предизвиците на утрешнината. Факултетот, пак, секогаш држи чекор со најсовремените научни и технолошки иновации, несебично пренесувајќи ги своите знаења и вештини на студентите.