сабота, 19 октомври 2024
Изјава од ЕСМ

Маројевиќ: Парно греење во Скопје ќе има, граѓаните да бидат спокојни

Граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли, парно ќе има. Компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје, порачува помошник директорот за топлина на АД ЕСМ Александра Маројевиќ

Објавено на

часот

Сподели

„ЕСМ во изминатиот период во целост го заврши отстранувањето на опожарениот топловод на мостот Беласица, а новите топловодни цевки се веќе пренесени на локацијата и сме во постојана комуникација со Град Скопје, бидејќи мостот е под надлежност на градот. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО“, вели Маројевиќ во интервју за МИА.

„Производните капацитети во двата системи и дистрибутивните мрежи се спремни за почеток на претстојната грејна сезона. Санирани се сите дефекти на дистрибутивната мрежа кои беа лоцирани во текот на летниот ремонтен период, извршени се ладните проби во дистрибутивниот систем. Завршени се и редовните проверки на потстаниците и на нивната функционалност. Од вкупно 63.000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции), 61.000 се снабдуваат со топлинска енергија преку новоформираните фирми на ЕСМ за производство, дистрибуција и снабдување, додека 2.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.

Склучен е договор за снабдување со природен гас за топланите Исток и Запад и за подружница Енергетика за месец октомври. Исто така, склучен е договор за набавка на топлинска енергија од когенеративната електрана ТЕ-ТО за месец октомври. Набавките на природен гас се одвиваат на јавен повик кој ЕСМ го објавува на својата веб страница во тековниот месец за следниот период. Количините на природен гас кои ќе се набавуваат ќе зависат од режимот на работа на когенеративната електрана ТЕ – ТО, која испорачува топлина во системот за централно греење“, вели Маројевиќ.

Грејната сезона започнува на 15 октомври и трае до 15 април, а испораката на топлинска енергија се врши од 6 до 22 часот.

„Во тек на грејната сезона, испораката на топлинска енергија ќе се врши по строго утврдени правила и дијаграми така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степени. Според овие правилата, на почетокот од грејната сезона во месеците октомври и првата половина на ноември кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот“, информира Маројевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ