недела, 14 јули 2024

Mаринакис: Не е планирана, но можна е средба на маргините меѓу Мицкоски и Мицотакис

Не е планирана средба, но не е исклучено премиерот на маргините на НАТО самитот, да има билатерални средби, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за евентуална средба на премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис на маргините на НАТО самитот во Вашингтон.

Објавено на

часот

Сподели

„Не, не е планирана средба, но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби. Но, нешто планирано, не постои“, одговори Маринакис на прашањето на МИА за евентуалната средба Мицотакис – Мицкоски, а речиси идентичен беше одговорот и за можна средба на грчкиот премиер со турскиот претседател.

Според официјалните програми на двајцата премиери и Мицкоски и Мицотакис, освен на самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Бајден.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на нашата земја, одговарајќи на новинарско прашање, Маринакис рече дека грчкиот премиер на НАТО самитот „ќе го покрене на највисоко ниво“ почитувањето на Договорот од Преспа, нешто што и самиот Мицотакис го најавуваше во неговите интервјуа и изјави во изминатиот период.

Маринакис посочи дека „договорите што се изгласани и ратификувани треба да се спроведуваат, но не гледаме ова да го прави другата страна“, додаде дека од македонска страна постоеле „низа сериозни изјави што се спротивни на меѓународно договореното и изгласаното од двете држави“ и токму ова е она што, како што рече,  грчкиот премиер ќе го покрене „за време на неговото присуство на НАТО Самитот“.

„Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Кирјакос Мицотакис ќе го покрене“, рече Маринакис.

Мицкоски, пак пред заминувањето за Вашингтон изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи.

„Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и дека ќе разговараме како партнери и како добри соседи, доколку дојде до таков разговор. Ако не дојде се надевам дека набргу ќе дојде“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека ставот на Владата е градење добри односи со сите соседи, но оти дека односи се двонасочна улица.

„Нашиот став како Влада е дека сакаме да имаме добри односи со соседите, дека сакаме да градиме мостови за соработка, дека тоа за нас е двонасочна улица. Досега претпоставувам биле навикнати на еднонасочна улица, но сега сме ние политичари и Влада која што сака да водиме добрососедска двонасочна улица и така ќе продолжиме да се однесуваме„, изјави премиерот минатата недела.

САД, пак, нагласија дека не сакаат внесување билатерални спорови во НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ