Маричиќ кажа дека веќе е одржана една седница и конституирани се владините тела.
„Се очекува во вторник да има можеби повеќе од една седница и да бидат усвоени измените на Законот за рестриктивни мерки“, истакна Маричиќ по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Маричиќ уште кажа дека е испратена работна верзија на Акцискиот план во Брисел, а патоказите ќе се разгледаат и ќе бидат усвоени кога за тоа ќе се создадат услови.
Како што информира денеска, земјава добила неколку циклуси на забелешки кои се вградени во текстот на двата патоказа.
„Испратена е една верзија на Акцискиот план која е определено дека не е конечна, туку дека е работна. Во моментот кога ќе процениме заедно, во комуникација со Брисел, дека треба да се испрати конечната верзија, ќе ја испратиме. До каде е усвојувањето, прашањето треба да се упати до државите-членки, тие сѐ уште се во фаза на разгледување на овие документи. Јас ќе бидам во Брисел не оваа недела што доаѓа, туку наредната и ќе имам прилика да се запознаам повеќе со тоа што се случува, имајќи предвид дека и таму има тешки дискусии поврзани со усвојувањето на Планот за раст и генерално, со одлуките поврзани со проширувањето во овој период, пред европските избори. Верувам дека процесот ќе тече како што тече за сите други држави, ќе се разгледаат патоказите и тогаш кога ќе се создадат услови ќе бидат усвоени. Во меѓувреме примивме и неколку циклуси на забелешки кои ги вградивме во текстот на патоказите. Влезени сме во тој дел во една нормална постапка“, истакна Маричиќ,
Во врска со денешното чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кое помина во најдобар ред, без никакви провокации и инциденти, Маричиќ потенцира дека името и дело на Делчев доликува да се слави достојно.
„Драго ни е што нема провокации годинава, името и дело на Гоце доликува да се слави без конфликти и злоупотреба“, нагласи Маричиќ.