сабота, 19 октомври 2024

Макрон вели дека Франција повторно ќе ја контролира цената на струјата

Франција повторно ќе воспостави контрола над цената на струјата до крајот на годината, изјави претседателот Емануел Макрон, интензивирајќи ја дебатата во Европската унија за нов модел за пресметување на цената на струјата.

Објавено на

часот

Сподели

Париз сигнализираше дека би можел повторно да ги пресмета цените врз основа на сопствен модел доколку францускиот предлог не помине во преговорите на ниво на ЕУ, изјавија два извори за Ројтерс.

Франција го национализираше снабдувачот со електрична енергија ЕДФ, кој управува со вкупно 56 француски нуклеарни реактори. Претседателот Макрон планира уште повеќе да се потпира на атомската енергија, која долго време обезбедува повеќе од две третини од француските потреби за електрична енергија.

Минатата година Макрон најави дека Франција ќе изгради шест нови гигантски нуклеарни реактори во текот на следните децении, претставувајќи ги како чист извор на енергија што ќе ѝ помогне на Франција да ги постигне своите климатски цели.

Нуклеарните централи се важни и за реиндустријализацијата на Франција и за снабдување со евтина струја, нагласи тогаш Макрон.

Минатата недела францускиот претседател шокираше со изјавата дека неговата влада ќе ја врати контролата врз цената на струјата, што предизвика негативна реакција во Брисел, со оглед на актуелните преговори за реформа на пазарот на електрична енергија.

„Клучната точка за нашата конкурентност е повторно воспоставување на контрола врз цените на електричната енергија и тоа официјално ќе го објавиме во октомври“, рече Макрон на 25 септември.

„Во октомври ќе можеме да ја објавиме цената на струјата во согласност со нашата конкурентност“, рече Макрон, додавајќи дека тие ќе се однесуваат на домаќинствата и бизнисите.

„До крајот на годината повторно ќе воспоставиме контрола врз цената на струјата, на француско и европско ниво“, нагласи францускиот претседател.

Изјавите на Макрон се совпаднаа со жестоките дискусии меѓу Франција и Германија за позицијата на нуклеарната енергија во цела низа закони за кои се преговара на ниво на ЕУ.

По катастрофата во јапонската Фукушима во 2011 година, Германија одлучи постепено да ги угаси нуклеарните централи. Последниот реактор го затвори во април и сега се залага за закони во ЕУ каде приоритет се дава на обновливите извори на енергија пред нуклеарната енергија.

Француските власти, од друга страна, тврдат дека Германија ја поткопува традиционалната француска предност поради стравот дека евтината струја од нуклеарните централи може да им даде конкурентна предност на француските компании во однос на германските компании.

Германските власти возвратија со обвинувања дека Франција сака да вбризга милијарди евра субвенции во националниот шампион ЕДФ на сметка на европските конкуренти.

Француските власти тврдат дека француските даночни обврзници стекнале конкурентска предност со инвестирање и финансирање на нуклеарни централи, па затоа сега треба да ги уживаат плодовите на таа поддршка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ