вторник, 22 октомври 2024

Макрон: Не сакам да ѝ ги предадам клучевите на моќта на Марин ле Пен

Францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека неговата контроверзна одлука за распишување на вонредни парламентарни избори во Франција се последен обид крајната десница да се задржи без власт.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сите гледаат како се крева напливот на крајната десница. Сите велат дека Макрон ќе им ги предаде клучевите на моќта. Не сакам да им ги дадам клучевите на власта во 2027“, кажа тој, алудирајќи на датумот на следните претседателски избори во Франција.

На Макрон му останаа три години до крајот на претседателскиот мандат и не може да се кандидира за резибор според францускиот закон, пишува Политико.

Макрон го распушти парламентот и распиша претседателски избори во неделата вечерта откако десничарскиот Национален собир ја победи неговата партија Ренесанса на изборите за Европскиот парламент со разлика од 31,4 наспроти 14,6 отсто.

„Две третини од Французите сакаат распуштање (на парламентот). Со 50 отсто од луѓето кои гласаат за екстреми, не можев ништо да направам“, кажа Макрон на прес-конференција и ги повика центристите, либералите и проевропејците да се обединат за да ја победат крајната десница на изборите на крајот на месецот.

Францускиот претседател жестоко ги нападна двете крајности на политичкиот спектар, крајната левица и крајната десница, и за време на конференцијата која траеше речиси два часа, повеќе пати повтори дека двата екстрема се опасност за Франција и дека ќе ја намалат позицијата на земјата на меѓународната сцена.

„Работите денес се едноставни: имаме неприродни сојузи во двата екстреми, кои нема да спроведат ниедна програма“, кажа Макрон.

Истакна дека дошол моментот за „разјаснување на политиката“ бидејќи партиите од левицата и десницата имале контрадикторни ставови за низа прашања.

„Десницата склучува сојуз со крајната десница, конзервативците му вртат грб на наследството на Де Гол, Ширак и Саркози“, кажа Макрон.

Тој истакна дека конзервативната десница и крајната десница имаат контрадикторни економски политики и спротивни ставови за пензиската реформа која предизвика немири низ земјата минатата година.

Францускиот претседател ѝ се нафрли и на левицата, оценувајќи дека левичарската Непокорена Франција има „невозможни погледи на Украина и Блискиот Исток“ кои не се во согласност со умереното крило на левицата.

Макрон, пишува Политико, ја презема и одговорноста за поразот во неделата вечерта. „Да направев сè совршено, немаше да бидам тука пред вас“, кажа тој.

Иако Франција во неговиот мандат се соочи со повеќе кризи, вклучувајќи го бунтот на „Жолтите елеци“ и реформата на државните пензии, Макрон дел од одговорноста префрли на растечкото чувство на несигурност низ Европа, на медиумскиот естаблишмент и на имиграцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ