вторник, 23 јули 2024

Македонското, грчкото и другите малцинства во Албанија и официјално нема да ги признаат пописните резултати

Македонското, грчкото и другите малцинства во Албанија најавија дека ќе излезат со заедничка декларација за непризнавање на резултатите од пописот во оваа земја и официјално ќе побараат нов попис.

Објавено на

часот

Сподели

„Подготвуваме заедничка декларација задно со претставниците на грчкото, влашкото и другите малцинства со која не ги признаваме пописните резултати. Во неа ќе наведеме цврсти докази дека истите се фалсификувани, чиста манипулација. Ќе ја доставиме до сите државни и меѓународни институции“, изјави за МИА, Васил Стерјовски,  претседател на партијата Македонска алијанса за европски интеграции – МАЕИ.

Партијата и другите македонски здруженија веќе се изјаснија дека не ги признаваат резултатите, а тоа го направија и здруженијата на Грците.

Според пописот во оваа земја живеат 2.281 лица кои се изјасниле како Македонци, што е за повеќе од половина помалку споредено со пописот во 2011 година. Според македонските претставници во оваа земја живеат над 100 илјади Македонци, главно концентрирани во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, а со илјадници ги има во Тирана, Елбасан, Драч и други градови.

И грчките претставници не ги признаваат презентираните  23.485 лица со грчка етничка припадност. Тие тврдат дека во земјата живеат околу 400 илјади Грци, повеќето населени во јужниот дел на земјата.

Во реакцијата на грчкото здружение „Омонија” уште се наведува дека манипулација се и податоците за верската припадност. Од таму сметаат  дека бројот на православните е поголем од прикажаниот.

Најголемо изненадување на овој 12. попис е бројот на припадниците на бугарското малцинство, кое до 2017 воопшто не постоеше во Албанија. Постоење на Бугарија беше озаконето под бугарските притисок со закана дека ќе биде блокиран евроинтегративниот пат на Албанија.

Одеднаш во Албанија „живеат” 7.057 Бугари, иако во претходните 11 пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин..

Во меѓувреме обвинувањата за фалсификувани податоци ги отфрли директорката на Институтот за статистика, Елса Дули, која рече дека пописот бил транспарентен и професионално спроведен според меѓународните стандарди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ