среда, 30 октомври 2024

Македонски студенти проектираат болид за светски натпревар во Хрватска

Тим од дваесетина студенти, во една од лабораториите на Машинскиот факултет при УКИМ го подготвува првиот македонски болид кој летоска треба да замине на светски натпревар во Хрватска.

Објавено на

часот

Сподели

Обединети под името MES Racing, овие студенти работат на производство на тркачки автомобил кој треба да стигне до формула тест патеката Бугати Римац во хрватска Велика Горица.

Она што тие го подготвуваат треба да настапи на Формула студент концептот на натпревари кој се организира во повеќе од 20 држави во светот. На овој натпревар, студентски тимови дизајнираат, тестираат и се тркаат со прототипови на тркачки автомобили.

Создавањето на болидот не е работа само на студентите-инженери. Тимот MES Racing обединува млади од различни подрачја и позадини, па меѓу нив се наоѓаат студенти од ФЕИТ, Машински, Економскиот факултет и од ФИНКИ. Меѓусебно си помагаат и едни од други учат нови работи, а заедничката цел е јасна – да се изгради првиот македонски и целосно студентски болид.

Слични обиди имало и порано, но ентузијазмот и реализацијата, велат студентите кои се дел од MES Racing, никогаш не стигнале до овој степен – веќе да има 3Д комплетирани модели и да се смета за нешто што со сигурност ќе се оствари.

„Работата е поделена на повеќе тимови. Имаме тим за погон, аеродинамика, шасија, суспензија, имаме тим за електрични системи, маркетинг, производни технологии. Тие се тимовите во кои се делиме и сите меѓу себе си помагаме и се поддржуваме. Не е исклучиво дека еден ако работи во еден тим, не работи во друг. Со тоа што, она во кое специјализираме, гледаме да се насочиме таму најмногу“, вели за Мета.мк Георги Камчевски, дел од MES Racing.

Нивниот проект промовира разновидност и одржливост, преку вклучување на девојките во мотоспортот, повторна употреба на деловите, минимизирање на отпадот и користење на еколошко гориво.

Натпреварот за кој се подготвуваат го носи името Алп Адриа и е единствен од ваков вид во регионот. Привлекува бројни европски и светски тимови – сите со цел да се вмрежуваат и да ги промовираат технологијата, науката, инженерството и математиката, но и студентскиот активизам.

Натпреварувачите имаат можност да учат од врвни експерти од автомобилската индустрија, бидејќи судиите доаѓаат од светски познати автомобилски компании.

Македонските студенти веќе го положиле теоретскиот тест и се квалификувани за главниот настан каде тркачкиот автомобил и неговото производство ќе бидат оценувани преку низа утврдени правила.

Целта на Формула студент натпреварите е на студентите-инженери да им обезбедат платформа на која можат да градат искуство и да учат, но и да го покажат теоретското знаење на дело.

„На овие натпреварување статичкиот и динамичкиот тест се доста детални. Во статичкиот тест, еден дел од него е ‘тилт’ тестот, односно нашиот болид го ротираат до одреден агол со што тестираат каква е неговата стабилност. Во динамичкиот е ‘вистинското тркање’, како што би го нарекле – имаме забрзување, пролизгување и ‘ендуренс’ односно тест на издржливост, кој е како класично тркање – 30 минути констатно забрзување и возење на болидот. Тоа е накратко како ќе изгледаат натпреварите“, објаснува Стефан Стојанов, дел од MES Racing.

Формула студент Македонија деновиве одржуваат и натпревар за иновација и оптимизација на аеродинамичките карактеристики на автомобилот. Проектот на победничкиот тим од натпреварот ќе биде додаден на болидот што ќе замине во Хрватска.

„Имаме отприлика 10 тимови на натпреварот кој го организираме лично ние и е за мотивација и поттикнување на сè повеќе млади умови и студенти кои сакат да влезат во сферата на инженерството, механиката, автомобилизмот и да бидат вклучени во овој проект директно или индиректно. Проектот за аеродинамика на победниците на натпреварот ќе биде имплементиран во самата формула којашто потоа ќе се претстави во странство“, вели Масимо Тасески, пилот на автомобилот во изработка.

Како пилот на тркачкото возило, Масимо вели дека досега не возел вистински болид, но има 12- годишно искуство во пилотирање на различни модели на картинг со големи успеси на државни првенства и шампионати.

За време на целиот процес на подготовка за светскиот натпревар, студентите имаат поддршка од Машинскиот факултет и ФЕИТ, како и од двајца професори-ментори. Од друга страна, најголем предизвик им е обезбедувањето на спонзори што ќе им го олеснат пристигнувањето во Велика Горица.

„До некаде имаме обезбеднено одредени спонзорства и сме многу благодарни на фирмите кои ни веруваат и нè поддржуваат, но ни фалат уште многу ресурси за да може овој проект да биде целосен и да изгледа како што треба за да можеме да се натпреваруваме во странство и да ја преставиме Македонија во најдобро светло“, додава Тасески.

Формула тимот од македонски студенти ветува дека ќе го дадат најдоброто од себе во Хрватска. Таму ќе се натпреваруваат со автомобил со мотор со внатрешно согорување, а една од целите за во иднина им е создавање на автомобили со електричен мотор, но и такви со вештачка интелигенција.

                                                                                                                                          Meта

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ