Македонија ослабена влезе во овој квалификациски прозорец, селекторот Јончевски на располагање ги немаше најдобрите, Нено Димитријевиќ, Ти Џеј Шортс и Итан Хап, па Литванија беше голем фаворит, а таквата улога ја преслика и на паркетот во „Кале“.
Литанците тргнаа фуриозно, ние се мачевме да реализираме, по неколку минути игра веќе губевме со 2-13, првата четвртина заврши со предност на Литванија од 23-9. Беше јасно дека единственото прашање на овој натпревар е со колку разлика ќе загубиме.
Ни се подготвуваше висока негатива за полувремето, Литванија имаше плус 23, водеа со 40-17, но тогаш следуваше шоу на Кристијан Николов кој постигна 10 поени по ред и ја намали негативата. На одморот Литванците заминаа со предност од 44-27.
Второто полувреме добро го почнавме, игравме добра одбрана, во нападот реализиравме и дојдовме до негатива од 11 поени (39-50), но потоа повторно следуваше серија на Литванија со која гостите создадоа предност од преку 20 поени.
Високата предност ги опушти Литванците, македонските кошаркари беа фокусирани и почнаа да ја топат предноста на гостите до степен да предизвикаат нервоза кај противникот. Македонија во последните десет минути играше одлично дојдовме и до -11, но натпреварот веќе одамна беше решен, не се случи чудо, Литванија го доби мечот со 82-67.
Најефикасен во нашиот состав беше Кристијан Николов со 18 поени, Војдан Стојановски реализираше 13, а двоцифрен беше и Бојан Крстевски со 10. Кај Литванија Ецодас постигна 18, Нормантас го заврши мечот со 16 поени.
Овие две селекции во недела имаат нов дуел, овојпат Литванија ќе ја има улогата на домаќин.