понеделник, 22 јули 2024
Шукова на КОП28

Македонија ќе земе 46 милони евра од Фондот за развој за побрза енергетска транзиција

Европската инвестициска банка (ЕИБ) како прва меѓународна финансиска институција го промовирала својот нов пристап за зголемување на финансирањето и советодавните услуги за поддршка на правичната транзиција и правичната отпорност ширум светот, а во рамките на конференцијата за климатски промени КОП28 што се одржа во Дубаи. На конференцијата учествувала и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на панел-дискусијата на високо ниво фокусирана на искуствата на четири земји-членки на ОН, Македонија, Мадагаскар, Уругвај и Зимбабве за користење на средствата од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој на ОН со чија помош во овие држави се реализираат програми насочени кон одржливиот развој, известуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

 

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање министерката Шукова се осврнала на Инструментот за зелено финансирање (ГФФ) кој се реализира со финансиска поддршка од Заедничкиот фонд за Целите за одржлив развој.

„Инструментот за зелено финансирање придонесува за забрзување на напредокот на нашата земја за голем број цели за одржлив развој, особено ‘зелените’ цели, за прифатлива и чиста енергија, одржливи градови и климатски активности, како и целите за намалена нееднаквост, родова еднаквост и партнерства. Обезбедените 46 милиони долари преку овој Фонд, нема да ги покријат сите огромни финансиски потреби за забрзана зелена транзиција на нашата земја. Но, за нас тоа претставува важен модел на финансиски механизам бидејќи обезбедува остварлива алтернатива за да се стимулира субвенционирање, покажувајќи како преку партнерство со семејството на ОН, банкарскиот сектор во земјата и регионалните макрофинансиски институции (МФИ), можеме да го зголемиме нашиот досег и влијание“, истакнала Шукова.

Таа ја потенцирала посветеноста на државата кон зелената транзиција и особено забрзаното воведување на обновливите извори на енергија и зголемената енергетска ефикасност.

Шукова објаснила дека Инструментот за зелено финансирање обезбедува зголемен пристап до средства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност кај малите и средните претпријатија и кај домаќинствата. Тоа, како што рекла, ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови и на загадувањето на воздухот.

Во сесијата, панелисти биле и високи претставници од Мадагаскар, Уругвај и Зимбабве, како и владини претставници, претставници од заедницата на донатори, претставници од приватниот и финансискиот сектор и инвеститори. 

Од Европската инвестициска банка (ЕИБ) пак информираа дека ЕИБ како прва меѓународна финансиска институција го промовирала својот нов пристап за зголемување на финансирањето и советодавните услуги за поддршка на правичната транзиција и правичната отпорност ширум светот. 

Според ЕИБ, банката ќе ја прошири својата поддршка во девет пилот земји. Покрај пилот-земјите, ЕИБ Глобално ќе им помогне на работниците и заедниците погодени од затворањето на погоните за фосилни горива или од активностите што вклучуваат екстракција на фосилни горива.

„Новите пристапи имаат за цел да ги поддржат оние кои се најмногу погодени од климатските политики и се чувствителни на климатски промени“, информираат од ЕИБ.

Оттаму појаснуваат дека ЕИБ глобално ќе работи со јавни и приватни партнери за да ги идентификува можностите и да одговори на предизвиците поврзани со правичната транзиција и правичната отпорност.

„Ќе ги поддржи работниците погодени од зелената транзиција, а ќе ги поддржи и проектите во инфраструктурата со низок јаглерод, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, развојот на малите и средни компании, образованието, обуката и преквалификацијата, како и рехабилитацијата на животната средина. Банка поддржува проекти преку директни и посредни заеми преку фондови, банки и микрофинансиски институции. Дополнително, ЕИБ глобално се обидува да изгради финансиски, технички и партнерства базирани на знаење за да помогне во подготовката вакви проекти ширум светот. Декарбонизирањето на нашите економии и правењето тие да бидат отпорни на климата мора да се случи на општествено одговорен начин или нема да се случи“, рече потпретседателот на ЕИБ, Амбруаз Фајол.

Како што информираше ЕИБ, правичната отпорност има за цел да обезбеди политиките и проектите за адаптација на климата да ги земат во предвид потребите на сите за да се избегнат несакани влијанија. Зголемувањето на климатската отпорност и обезбедувањето правични политики за климатска адаптација се итно потребни, бидејќи зголемените температури ги зголемуваат географските и социјалните нееднаквости со катастрофални последици.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ