четврток, 24 октомври 2024

Македонија ја чека Србија за да почне да ја гради брзата пруга до Табановце

Меѓу Македонија и Србија и се формирани работните групи за изградба на брзата железница меѓу двете земји, а веќе наскоро ќе ја имаат и првата работна средба, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој по увидот на градежните работи на брана на река Отиња во Штип одговараше и на новинарски прашања.

Објавено на

часот

Сподели

„Со Србија заеднички ќе настапуваме пред меѓународните финансиски институции, заеднички ќе настапуваме и во координација за поврзување на овој многу значаен проект од Коридорот 10 за брзата пруга, а од наша страна дополнително работиме и на заедничкиот железнички граничен премин Табановце којшто ќе биде од македонска страна, а ќе биде заеднички за двете држави со обезбедени финансиски средства“, вели Бочварски.

Тој посочи дека плановите се одвиваат брзо и сите процедури и процеси коишто ќе течат во идниот период ќе бидат од интерес на двете држави и на граѓаните. Прашан дали се работи на проектирање на проектот за брзата пруга, Бочварски одговори дека Србија има поголема делница за работа отколку Македонија.

„Тие ја имаат за работа најпрвин делницата од Белград до Ниш, а потоа од Ниш до Прешево и втората делница секако дека сè уште е во фаза на разгледување и таа ќе биде работена заеднички со нашата страна, така што тие имаат своја обврска најпрвин да ја реализираат пругата од Белград до Ниш. Ние нашиот дел од 50 километри е од Скопје до границата Табановце и поврзување со аеродромот Скопје“, изјави Бочварски.

Тој истакна дека сите планови и анализи се направени, а како што рече ќе се почне со работа на студијата за таа железничка пруга, на проектирање на основниот проект во сите процедури без притоа да се јавуваат проблеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ