вторник, 22 октомври 2024
Шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор

Македонија е членка на НАТО, а влезот во ЕУ остана само на ветувања

Поминаа шест години откако во 2018 година, во грчкото село Нивици, Македонија и Грција го потпишаа таканаречениот Преспански договор со кој се затвори речи си тридеценискиот спор меѓу двете земји. Со него беше сменето името на Македонија, а за возврат ѝ беше ветено влез во НАТО и Европската унија. Шест години подоцна Македонија е членка на НАТО, а ЕУ е сѐ уште само ветување и добра волја на хартија од страна на европските политичари.

Објавено на

часот

Сподели

Договорот беше постигнат во период кога во Грција на власт беше СИРИЗА, а во Македонија СДСМ. Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Согласно договорот, Република Македонија го смени името по што стана 30-та членка на НАТО, но не и на Европската Унија (ЕУ) како што ѝ беше ветено.

Ставот на сега владеаќката партија Нова демократија е дека и покрај тоа што како опозиција не го поддржаа договорот, сметајќи дека е штетен за националните интереси, сега како Влада во Грција има обврска да го почитува, бидејќи станува збор за меѓународен договор што ја обврзува секоја Влада во рамките на континуитетот на државата.

Преспанскиот договор е актуелен како никогаш порано

По инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 12 мај, кога го употреби името Македонија, а со оглед на тоа дека временски се поклопи со периодот кога во Грција започнуваше предизборната кампања за европските избори, Договорот од Преспа беше една од главните теми во земјата.

Пораките од Атина до Скопје беа дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што мора да се почитува, дека името на земјата е Северна Македонија за севкупна употреба и дека патот на Македонија до ЕУ неопходно поминува низ Грција.

„Очекував честитка од јужниот сосед за убедливиот триумф, но за жал добивме политички мускули“, коментираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, една седмица по двојните избори кај нас, со оглед на тоа што официјална Атина не упати честитка за изборот на новата претседателка.

За употребата на името Македонија и името Северна Македонија и претседателката Сиљановска Давкова и Мицкоски неколку пати повторија и објаснија дека го почитуваат Договорот од Преспа како меѓународен договор, но паралелно имаат индивидуално и човеково право како да ја нарекуваат државата.

„Да потсетам, моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од кабинетот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и во рамките на Уставот. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние кои се на функции се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има, како јин јанг две лица, едно официјално и едно друго. Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право“, истакна Сиљановска Давкова.

Грчкиот премиер упатуваше порака и до мандатарот Христијан Мицкоски дека од него очекува штом положи заклетва, „да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон земјата“, коментираше дека „кога некој е избран за премиер, не постои индивидуален статус на премиер, бидејќи премиерот е институционално тело“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, објасни дека нема намера да се однесува талибански, но оти и не очекува некој друг да се однесува на тој начин, нагласувајќи дека тие се придржуваат кон ерга омнес во однос на името, но и дека е потребно да се направи подлабинска анализа за тоа што од страна на Грција е исполнето од Преспанскиот договор.

„Па ние го користиме за севкупна употреба. Членот седум од Договорот, став 2 и 3 се многу јасни. Што значи кога едната и другата страна го употребуваат терминот Македонија и македонски, членот 1 од истиот Договор. Јас повторно би сакал да ги замолам медиумите овде во Македонија малку повеќе да посветат внимание на анализа на тоа што нашиот јужен сосед има исполнето од Договорот, а помалку да биде провокација моето човеково загарантирано право со многу конвенции на употреба на терминот Македонија, името на мојата татковина во којашто јас сум се родил и придавката македонски. Ајде да видиме што тие направија овие шест години“, изјави Мицкоски на почетокот на месецов откако го доби мандатот за формирање Влада.

Неколку дена подоцна порача дека Договорот од Преспа треба да се почитува и имплементира и од Грција.

Минатата недела шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и неговата заменичка Александра Пападопулу беа во Скопје на состаноците во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) додека пак вчера, на маргините на Самитот за мир во Швајцарија претседателката Сиљановска Давкова, како што самата објави на фејсбук имаше средби за запознавање со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и на Бугарија, Димитар Главчев.

„Со нетрпение очекувам да се вклучиме во продуктивни дискусии со нив во корист на нашите држави и регионот. Мора да соработуваме и да ги подобриме меѓусоседските односи“, напиша претседателката.

-На маргините на Самитот за мир во Швајцарија остварив средби за запознавање со премиерите на Грција, Киријакос Мицотакис и на Бугарија, Димитар Главчев. Со нетрпение очекувам да се вклучиме

Македонија исполни голем дел од договорот на потег е Грција 

И додека Македонија исполни голем дел од Договорот од Преспа, од грчка страна се доцни со импементацијата на истиот.

Трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, а за првпат доставени во грчкиот Парламент на средината на септември 2020 година, сè уште не се ратификувани и покрај тоа што опозициската СИРИЗА, минатиот месец по втор пат ги достави на усвојување.

Дополнително, не е одржан вториот Совет на високо ниво, но и не се променети дел од сообраќајните табли во северна Грција.

Согласно Договорот од Преспа, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата“.

Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека пак на втората домаќин треба да биде Грција.

Решението на спорот резултираше со прва официјална посета во Грција на претседател на Северна Македонија, како и прва официјална посета на грчки премиер на земјава.

Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека пак помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот совет за соработка на високо ниво кој го сочинуваат претставници на двете влади, заеднички предводен од премиерите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ