вторник, 22 октомври 2024
Сеќавање на поранешниот албански премиер

Мајко: Албанија во 1999 година ѝ се закани на Македонија со војна

Поранешниот премиер на Албанија, Пандели Мајко, раскажа епизода што можеше да ја доведе Албанија во директен конфликт со Македонија за време на војната во Косово во 1999 година. Поводот беa косовските бегалци и првичниот однос на Македонија кон нив, вели тој и додава: „Да, се заканивме“.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостување на А2СиЕнЕн тој раскажа свое сеќање од 1999 година, од штотуку започнатата војна во Косово, кога, како што рече, официјално Скопје ја блокирало границата во обид да спречи бран бегалци од Косово да транзитираат за Албанија. Мајко рече дека бил принуден да ѝ се закани на Македонија.

„Имавме многу тешка дебата со тогашната влада во Скопје. Потоа ги отворивме границите и за само еден ден можеби 30-35 илјади луѓе ја поминаа границата во правецот на Корча. Тоа беше ситуацијата кога македонската влада ги блокираше сите бегалци кои беа на границата со Косово и таму се наоѓаа една недела, можеби 10 дена. Настана вистински хорор. Дали да се нарече закана кон Македонија? Може и така, со право се заканивме. По неколку дена во кабинетот на премиерот на Албанија дојде министерот за надворешни работи на Грција Папандреду кој стана еден вид олеснувач, заедно со шефот на македонската дипломатија. Се побара официјално  извинување. за тоа што се случи на границата“, рече Мајко.

Тој откри дека директно му се заканиле на „источниот сосед“, велејќи дека во случај на дополнително блокирање на границата, Албанија ќе ги повика Албанците во Македонија да се кренат против државата и да ги заштитат браќата од Косово.

„Или отворете ја границата или… ќе ги повикаме Албанците да станат и да ги заштитат своите браќа. И, замислете што можеше да се случи во тој момент, имајќи предвид дека македонските Албанци се многу порезервирани да преземат какви било дејства за разлика од Албанците од Косово. Но можеше да настане специфична, експлозивна ситуација“, рече Пандели  Мајко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ