четврток, 25 јули 2024

Махмуд Абас: САД се „одговорни за крвопролевањето“ над Палестинците

Лидерот на палестинските власти Махмуд Абас денеска ги обвини Соединетите Држави дека се „одговорни за крвопролевањето“ над Палестинците, еден ден откако САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара прекин на огнот меѓу Израел и милитантна група Хамас во Појасот Газе, пренесува АФП.

Објавено на

часот

Сподели

За резолуцијата на Советот за безбедност на ОН гласаа 13 земји, Велика Британија беше воздржана, а гласот на САД против беше воедно и вето на текстот со кој се повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа, и покрај притисокот од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, кој го осуди „ колективното казнување“ на палестинскиот народ.

Позицијата на Америка е „неморална“ и Вашингтон е „одговорен за пролевањето на крвта на децата, жените и постарите Палестинци во Појасот Газа кои умираат од рацете на израелскиот окупатор“, нагласи Абас.

Соединетите Американски Држави се „партнер“ на Израел во „злосторството геноцид, етничкото чистење и војната“ каде и да се извршени во Газа, на окупираниот Западен Брег и во Ерусалим, рече палестинскиот лидер.

„Таа политика е закана за светот и меѓународната безбедност и мир“, се додава во пораката од кабинетот на претседателот на Палестинската управа, со седиште на Западниот Брег, палестинската територија окупирана од Израел во 1967 година.

Палестинскиот премиер Мохамед Штаје претходно го нарече неуспехот на Советот за безбедност на ОН да ја донесе резолуцијата „срам“ и „бланко чек“ за државата окупатор да продолжи со масакрите, уништувањето и раселувањето.

Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан рече дека „вистинскиот пат кон мирот е само поддршка за израелската мисија, а никако повик за прекин на огнот“.

Нацрт-резолуцијата, донесена во Советот за безбедност на ОН, беше подготвена откако Гутереш го активираше членот 99 од Повелбата на ОН во писмо до Советот за безбедност, за прв пат откако ја презеде функцијата во 2017 година.

Тој член му овозможува на генералниот секретар да го привлече вниманието на Советот за безбедност на „секое прашање што, според него, може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“, потсетува АФП.

Според последните податоци објавени од Министерството за здравство на Хамас во Газа, досега во Појасот Газа починале 17.490 луѓе, главно жени и деца.

Израелската инвазија на Појасот Газа следеше по упадот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, кога беа убиени 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ