Иџет Мемети, рече дека на овој оглас има многу мал број кандидати, односно само двајца и посочи дека во сегашниот состав Советот пред една година го избрал токму Љупчо Коцевски за јавен обвинител во ЈОРМ.
„Не случајно како Совет го избравме за јавен обвинител. Мислам дека се работи за најсериозен кандидат, треба да добие позитивно мислење и посакувам да биде избран, од причина, што мислам дека може да се носи со функцијата и дека може да ги менаџира состојбите во Обвинителството за тоа да може да работи“, изјави Мемети.
Обвинитеот Антонио Јолевски, за Коцевски, рече дека покрај стручниот дел, кај него се цени и делот на менаџерските и на организациските способности.
„Таму ни треба комплетна личност, а Љупчо Коцевски ги има поминато сите хиерархиски позиции и има добро познавање на состојбите. Мислам дека има коректен однос со сите вработени, што сметам дека е многу важно. Ќе го поддржам и мислам дека овој кандидат заслужува да биде избран“, изјави Јолевски.
Влатко Георгиевски, рече дека Коцевски освен што ги извршува редовните обвинителски функции, раководител е и на одделението за мета податоци, што е исклучително тешка и одговорна работа и е претседател на дисциплинска комисија. Сето тоа, рече Георгиевски, зборува дека тој поседува извонредни организаторски способности за да биде успешен.
Претседтелката на Советот, Душица Димитриеска рече дека се работи за личност со интегритетот, етичност и стручност за функцијата што ја извршува.
„Коцевски е јавен обвинител што гради добри односи со колегите и има добри организаторски способности и сметам дека ги исполнува сите услови и успешно ќе ја извршува функцијата“, рече Димитриеска
Советот, потоа кратко расправаше и за обвинителката Лидија Раичевиќ, која е единствениот кандидат што доставил стратегија за работа на ЈОРМ.
Обвинителот Антнио Јолевски, рече дека Раичевиќ е кандидат од ОЈО Скопје и дека без да се впушта во оцена на нејзината обвинителска работа, во делот на организаторските капацитети, смета дека неможе успешно да одговори на задачата.
„Не знам дали може целосно да одговори на задачата од организациски капацитет. Наспроти тоа Коцевски има познавање на целокупната обвинителска мрежа. Освен во скопското обвинителство не знам колку ја познаваат и колку таа го познава работењето на другите обвинителства“, рече Јолевски.
Иџет Мемети истакна дека за Раичевиќ не е целосно уверен дека ќе може целосно да одговори, со оглед дека по затворањето на огласот токму неа и „паднал” предмет во Кривичниот суд Скопје.
„Не сум целосно убеден дека има добри капацитети. Моето мислење ќе биде негативно, затоа што сметам дека нема да може да се постави и од аспект на организациските способности и од аспект на стручноста“, изјави Мемети.
На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени беа тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РМ.
Советот на ЈО, согласно законските одредби дава позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.
Собранието го објави огласот на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25 декември, а Советот на ЈО на седница минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на дожноста до завршување на изборот.
Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител може да биде именуван обвинител кој има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.
Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.