четврток, 24 октомври 2024

Лукашенко: Спремен сум да употребам нуклеарно оружје

Белорускиот претседател Александар Лукашенко даде интервју за Би-би-си на самитот на БРИКС во Казањ. Интервјуто го водеше Стив Розенберг, уредникот на Би-би-си за Русија, кој во текстот истакнува дека малку светски лидери се на власт веќе 30 години, како Лукашенко. Тој потсетува дека белорускиот претседател беше обвинуван од Западот за изборна кражба, задушување на опозицијата и разбивање на демократијата, и дека Европската Унија и Соединетите Американски Држави не го признаваат како легитимен лидер.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Розенберг напоменува дека Лукашенко низа години редовно соработува со рускиот претседател Владимир Путин, и дека веројатно го познава подобро од кој било друг светски лидер.

Првото прашање за Лукашенко е за тврдењата дека Северна Кореја испратила војници за да се борат заедно со руската војска во Украина.

„Глупости. Значи карактерот на Путин, тој никогаш не би се обидел да убеди друга земја да ја вклучи својата војска во руската специјална операција во Украина“, одговори Лукашенко. На прашањето што би се случило ако тие тврдења сепак се потврдат, тој кажа:

„Тоа би бил чекор кон ескалација на конфликтот ако оружени сили на која било земја, вклучувајќи ја Белорусија, би се нашле на линијата на фронтот. Дури и ние да се вклучиме во војната, тоа само би поттикнало дополнителна ескалација. Зошто? Затоа што вие, Англо-Саксонците, веднаш ќе тврдите дека уште една земја застанала на едната страна, што би довело до распоредување на НАТО трупи во Украина“.

На прашањето дали Путин некогаш барал белоруски трупи за војната во Украина, Лукашенко кажа дека тоа никогаш не било побарано, пишува Би-би-си.

„Никогаш. Ниту тој, ниту поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу, ниту сегашниот министер Андреј Белоусов не го поставиле тоа прашање“, изјави Лукашенко.

Сепак, Розенберг потсетува дека Белорусија имаше улога во руската инвазија во 2022 година, имајќи предвид дека дел од офанзивата почна од белоруска територија. На прашањето зошто тоа го дозволил, Лукашенко одговори со прашање:

„Како знаете дека јас сум дал дозвола за користење на нашата територија?“

Објаснувајќи ја ситуацијата, Лукашенко кажа дека тогаш се одвивале неколку воени вежби со неколку илјади руски војници во јужна Белорусија, и дека Путин одлучил да ги повлече трупите.

„Во еден момент ги пренасочи кон Киев. Сигурен сум дека бил испровоциран. Путин решава како ќе ги повлече своите трупи – преку Киев или преку Минск“.

На прашањето дали Путин го известил за плановите, белорускиот лидер кажа: „Не. Тој не ми се јави, ниту јас нему. Тоа се негови трупи, и има право да ги премести каде сака“.

Прашан дали мисли дека Путин е спремен да го употреби тактичкото нуклеарно оружје стационирано во Белорусија, Лукашенко одговори дека без негова согласност тоа оружје нема да биде користено.

„Путин никогаш нема да го употреби нуклеарното оружје во Белорусија без согласност на белорускиот претседател“, кажа Лукашенко. На прашањето дали тој е спремен да употреби нуклеарно оружје, тој одговори:

„Сосема сум спремен. Зошто инаку би го имале тоа оружје? Но само ако странска војничка чизма стапи на тлото на Белорусија. Немаме планови да напаѓаме кого било“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ