вторник, 23 јули 2024
Oценки на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница

Лорковски: Горе-долу Македонија е на средината од табелата на Енергетската заедница

Македонија, со 53 проценти успешност, е просечна во однос на имплементацијата на законодавството на Енергетската заедница и „се наоѓа горе-долу во средина на скалата за мерење“, смета директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски кој дојде во Скопје. Тој пред собраниски комисии со фудбалски жаргон рече: „Би ја напуштиле групата, но би биле дисквалификувани по четвртфиналето, бидејќи сте некаде во средината на опсегот кога станува збор за успешноста на земјите во Енергетската заедница. Има земји што се подобри, како Украина, Србија и Црна Гора, но има и земји кои заостануваат“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна Лорковски пред Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на Собранието, има место да се пофали земјава, но треба и уште што да се сработи.

„Пазарот на електрична енергија за тргување ден однапред е воспоставен и тоа е клучно за Северна Македонија дома да го подобри системот кој ќе ѝ овозможи да се интегрира во ЕУ и соседните земји. Државата неодамна воспостави и функционален систем за пренос на гас, а значително ги прошири и капацитетите за обновливи извори на енергија, но во овој сегмент, сепак, потребно е дополнително усогласување на законодавството“, рече Лорковски.

Тој додаде дека системот на нафтени резерви е подобрен и дека има прогрес и во однос на декарбонизацијата.

„Но, препорака е државава што поскоро да го ажурира Националниот акциски план и да го достави до Секретаријатот на Енергетската заедница. Тоа се очекува да ја разјасни климатската стратегија на земјата и на европските партнери и инвеститори да им даде јасна визија како Северна Македонија гледа на декарбонизацијата и која е иднината на производството на јаглен во земјава. Очекувам ажурираниот Национален план да биде поднесен во Секретаријатот и се надеваме дека новата Влада ќе го преземе овој предизвик веднаш“, истакна директорот на Секретаријатот.

Лорковски пред членовите на комисиите укажа дека има одредено задоцнување во изградбата на енергетското поврзување со Албанија, а ако тој проект биде имплементиран, посочи, заедно со уште неколку во регионот, помала би била можноста да снема струја, како што се случи неодамна.

Заостанува, оцени, и пазарот на гас каде има спојување на две компани и создавање нов систем/оператор за пренос на гас кој се уште не е сертифициран. До регулаторниот орган е испратено мислењето на Енергетската заедница за сертификацијата, поради што се очекува овој процес набрзо да заврши.

Во врска со безбедноста на снабдувањето со електрична енергија, Лорковски напомена дека уште не е донесен законот за безбедност на мрежи и информациски системи, област во која, рече, земјава треба што поскоро да направи чекор напред.

„Вашиот пазар е подготвен за приклучување кон европскиот во однос на електричната енергија. Регулативата за транспарентност е транспонирана и соодветно имплементирана што е од суштинско значање за избегнување обиди за мешање во пазарот на големо и за обезбедување соодветни услови за учесниците на пазарот. Се уште го чекаме пазарот за внатредневно тргување и тоа треба да се постигне во однос на интегрирање на обновливите извори на поекономичен начин, но на тоа знам дека се работи“, рече Лорковски.

Тој нагласи и дека има елементи кои ќе бараат дополнително усогласување со законодавството на ЕУ, а тоа се, рече, методологијата за тарифите и мрежните кодови.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница ја пофали работата на Регулаторната комисија за енергетика и на нејзиниот претседател Марко Бислимоски.

По неговото излагање за збор се јави само Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ кој информира дека пратениците ќе гласаат за уште 10 закони кои треба да ја докомплетираат работата на новото Министерство за енергетика. Како што рече Стојановски, Агенцијата за енергетика и нафтените резерви е предвидено да бидат под капата на оваа институција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ