вторник, 22 октомври 2024
Средба на министерот со амбасадорката

Љутков и Агелер ќе го посетат Споменикот на слободата од Чемерски

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска имал средба со амбасадорката на САД Анџела Агелер на која се согласиле заеднички да го посетат монументалниот Споменик на слободата од Глигор Чемерски во Кочани, кој целосно се конзервира и реставрира со средства обезбедени од Амбасадорскиот фонд на САД.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Министерството за култура, Љутков ја запозна амбасадорката Агелер со реформирањето на Министерството за култура и туризам, а беше разгледана можноста за поддржување локалитети што се наоѓаат на транзитна маршрута за нивна поголема видливост за туристите кои транзитираат  низ нашата држава. Тој упатил голема благодарност до Амбасадата на САД во нашата држава и до амбасадорката Агелер за можноста за користење средства од Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата.

Од Фондот, преку јавниот повик, досега се издвоени над милион и пол долари со кои е извршена заштита на многубројни локалитети и објекти и е завршена реставрацијата и конзервацијата на значајни споменици на културата во нашата земја.

„Беше нагласена и важноста на американските катчиња (во Скопје, Битола, Тетово, Штип и во Струга), чие успешно функционирање, како што беше истакнато, е уште еден доказ за трајното партнерство што постои меѓу нашите две земји и заложбите за продлабочување на културните врски меѓу македонскиот и американскиот народ“, велат од министерството.

Амбасадорката Агелер упатила покана до министерот Љутков да посетат едно од американските катчиња каде заедно ќе се сретнат со студенти кои ги користат услугите на овие културни центри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ