вторник, 22 октомври 2024

Лидерите на Франција, Германија и Италија ја повикаа Србија неофицијално да го признае Косово

Лидерите на Франција, Германија и Италија синоќа ја повикаа Србија де факто да го признае Косово, кое прогласи независност во 2008 година, но Белград сè уште го смета за своја покраина.

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението објавено еден ден по разговорите со двете страни, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџа Мелони изјавија дека е време балканските соседи да ги исполнат претходните обврски.

Нивниот потег следи по зголемената меѓународна загриженост дека поранешните воени непријатели би можеле да се вратат во отворен конфликт по серијата насилни инциденти во последните месеци. Голем дел од тензиите се насочени во северно Косово, каде што етничките Срби го сочинуваат мнозинството. Остатокот од Косово е претежно составен од етнички Албанци.

Во нивната изјава, Макрон, Шолц и Мелони ги повторија долгогодишните повици до косовскиот премиер Аљбин Курти да формира заедница на општини со српско мнозинство на северот, давајќи ѝм на локалните Срби одреден степен на самоуправа.

Србија и Косово со години разговараат со посредство на Европската Унија за да ги нормализираат своите односи. Со застојот на тој процес, лидерите на трите најголеми земји на ЕУ сѐ повеќе се вклучија во обидите за решавање на кризата.

Додека ЕУ претходно бегаше од политички чувствителното прашање за де факто признавањето на Косово, тројцата лидери јасно ставија до знаење дека очекуваат од Србија да го стори тоа, со што ќе се изврши притисок врз српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Без напредок во нормализирањето на односите, двете страни ризикуваат да пропуштат важни можности“, изјавија тројцата лидери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ