петок, 18 октомври 2024
Орбан ја напуштил просторијата

Лидерите на ЕУ неочекувано се согласија да почнат преговори за членство со Украина

Лидерите на Европската Унија денеска неочекувано се согласија да ги почнат преговорите за членство со Украина, нешто што унгарскиот премиер Виктор Орбан со недели ветуваше дека ќе го блокира, вели Ројтерс.

Објавено на

часот

Сподели

Дипломати и официјални претставници на ЕУ рекле дека Орбан се согласил да ја напушти просторијата, знаејќи дека другите лидери ќе продолжат и ќе гласаат за Украина.

Орбан на Фејсбук потврди дека се воздржал од гласањето за, како што рече, една „лоша одлука“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката.

„Ова е победа за Украина. Победа за цела Европа. Победа што мотивира, инспирира и зајакнува“, рече тој.

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лаен рече дека тоа е „стратегиска одлука и ден што ќе остане врежан во историјата на нашата Унија“.

Унгарецот Орбан со многу поинакви зборови ја опиша одлуката.

„Ставот на Унгарија е јасен, Украина не е подготвена да започнеме разговори за членство во ЕУ“, рече тој, нарекувајќи ја одлуката за почеток на преговори „ирационална“ и „несоодветна“.

„Но 26 земји-членки беа категорични дека оваа одлука мора да биде донесена, па Унгарија одлучи дека ако 26 решат така, тие треба да одат по својот пат и Унгарија не сака да учествува во оваа лоша одлука“, рече тој.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека Советот одлучил да ги почне пристапните преговори и со Молдавија.

Тој рече дека самитот ѝ доделил статус на кандидат за ЕУ на Грузија и, исто така, ќе ја унапреди кандидатурата за ЕУ од една друга земја аспирант – Босна – штом ќе го достигне „неопходниот степен на усогласеност“ со критериумите.

Претходно денеска, додека 27-те лидери на ЕУ се собираа на својот последен самит оваа година, Орбан инсистираше дека ЕУ не треба да започне преговори за членство со Украина.

Орбан на самитот беше осамен во отпорот.

Другите лидери на ЕУ претходно истиот ден предупредија дека несогласувањето за почеток на преговори ќе се смета за победа на рускиот претседател Владимир Путин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ