вторник, 22 октомври 2024

Либан не сака ескалација на конфликтот со Израел

Либанскиот премиер Наџиб Микати изјави денеска, по разговорите со американскиот специјален пратеник Амос Хохштајн во Бејрут, дека Либан не сака ескалација на конфликтот со Израел, наведувајќи дека е неопходно да се запре тековната израелска агресија врз Либан и да се обноват мирот и стабилноста на јужната либанска граница објави либанската државна новинска агенција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Продолжуваме да се трудиме да ја запреме ескалацијата, да ја вратиме безбедноста и стабилноста и да ставиме крај на тековните прекршувања на либанскиот суверенитет извршени од Израел“, рече Микати.

Микати истакна дека континуираните израелски закани за Либан нема да го спречат Бејрут да продолжи да се ангажира во воспоставувањето мир како приоритет.

САД се обидуваат да спречат големи конфликти меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах, кои ескалираа во последните неколку недели, изјави денеска Хохштајн за време на посетата на Либан.

Хохштајн, кој е специјален пратеник на американскиот претседател Џозеф Бајден, рече дека го посетил Израел, а потоа и Либан поради сериозната ситуација на либанско-израелската граница, пренесе Ројтерс.

„Видовме ескалација во последните неколку недели. А она што претседателот Бајден сака да го направи е да избегне понатамошна ескалација и поголема војна“, рече Хохштајн.

Хохштајн претходно се состана со началникот на либанската армија, како и со претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, кој го предводи вооруженото движење Амал, кое е сојузник на Хезболах и исто така лансираше ракети кон Израел во последните месеци.

САД и Франција се ангажирани во дипломатски напори за ставање крај на непријателствата меѓу Израел и Хезболах преку преговори.

Хезболах најави дека нема да ги запре нападите врз Израел додека не заврши војната во Појасот Газа.

Десетици илјади луѓе во северен Израел и јужен Либан се раселени поради честите размени на оган меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах.

Израел уби повеќе од 400 луѓе во Либан од 7 октомври, бројка која вклучува најмалку 80 цивили.

Најмалку 16 војници и 11 цивили се убиени на израелска страна од 7 октомври.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ