Ниту со весела математика не можат да се сокријат фрапантните бројки достапни на Државниот завод за статистика за намалувањето на бројот на учениците и зголемувањето на бројот на образовни, најчесто партиски, кадри во државните институции, велат од Левица и изнесуваат компаративна анализа, направена во партијата, за соодносот на наставен кадар, споредено со бројот на ученици во периодот помеѓу 2000 и 2023 година.
„Од 2000 година до сега во Македонија има 67.251 ученик помалку во основните училишта, показател на празнење на државата. Од друга страна, наставниот кадар расте, па така за истиот овој период, имаме 5.516 вработени повеќе само во основното образование.
Во оваа временска рамка, бројот на вработени е зголемен за 41%, а бројот на ученици се намалил за 27% во основните училишта! Само во последните 5 години, имаме речиси 6.000 ученици помалку, од кои 2.300 се првачиња.
Слично е и со средните училишта, односно, таму се запишале 25.883 ученици помалку, споредено за периодот од 2000 до 2023 година. За истиот тој период вработени се дури 1.550 повеќе професори.
Како партија цениме дека белата чума во Македонија е донесена директно од штетните политики водени од ДПМНЕ, СДС и ДУИ, од независноста на државата до денес. Иселувањето на младите и загубата на огромен број ученици, главно се мотивирани од социо-економските услови, но не помалку важно е да се напомене, дека важен мотив за намалувањето на бројот на ученици е самиот образовен систем“, се вели во соопштението на Левица.