вторник, 22 октомври 2024

Летонска европратеничка под истрага поради наводно шпионирање за Русија

Европскиот парламент отвори истрага за медиумските тврдења дека европратеничката од Летонија Татјана Зданока со години работела како руски шпион, што таа го негира.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обвиненијата се изнесени во вчерашен напис во рускиот истражувачки весник Инсајдер, кој пишува дека Жданока работела за руската Федерална безбедносна служба (ФСБ), која е наследник на советскиот КГБ.

„Во Европскиот парламент е отворена истрага“ за тврдењата изнесени во рускиот весник, потврди денес портпаролот на ЕП, а пренесува Политико.

Претседателката на ЕП Роберта Мецола „многу сериозна ги сфаќа овие тврдења и го испрати случајот кај Советодавниот одбор за кодексот на однесување“, кажа портпаролот и додаде дека Мецола утре ќе го изнесе прашањето на Конференцијата на претседатели на парламенти.

Жданока на својот профил на Фејсбук објави снимка во која ги негира тврдењата на Инсајдер.

„Никогаш не сум била поврзана со КГБ, за разлика од многу добро познати летонски личности, и не сум соработувала со ниедна друга разузнавачка агенција“, кажа таа.

Жданока е една од само 13 европарламентарци кои гласале против резолуцијата со која се осудува инвазијата на Русија во Украина во март 2022 година.

Пратеничката група во ЕП Зелени/Европска слободарска алијанса (ЕФА) поради тоа побара од Жданока да ја напушти таа група.

ЕФА соопшти дека почнала своја истрага на тврдењата дека Жданока работела како руски шпион, а нејзината национална партија останува дел од ЕФА.

Написот на Инсајдер е заснован на истрага спроведена во соработка со естонскиот весник Делфи, летонскиот центар за истражувачко новинарство Ре: Балтика и шведскиот таблоид Експресен, а во своите тврдења се повикуваат на протечени мејлови.

Во написот се наведува дека Жданока работела „во име на Петтата служба на ФСБ“ најмалку од 2004 до 2017 година.

Тие тврдења ќе ги истражува и летонската безбедносна служба ВДД.

Жданока е еден од лидерите на Летонско-руската унија (ЛКС), маргинална проруска партија која веќе 14 година не е во парламентот. Таа партија ја поддржа руската анексија на Крим во 2014 година, а Жданока одби да ја осуди руската инвазија во 2022 година.

Европскиот парламент не може да ја исфрли европратеничката ниту да ја спречи да гласа дури и ако се утврди дека го прекршила кодексот на однесување. Најстрогите казни кои ЕП може да му ги изрече на актуелен пратеник е намалување дневница на 60 дена или забрана за учество во некои од активностите од парламентот во истиот период, наведува Политико.

Жданока неодамна кажа дека нема повторно да се кандидира на изборите за ЕП во јуни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ