„Годишно секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиони денари за ЈП Лајка, а тие тоа не го прават. Како за пример од вкупно 10 општини во 2022 година средства исплатиле само 3, а за да има резултати Лајка треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини си ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно. За жал сега штетата за каснување на територија на овие општини ја плаќаат ЈП Лајка и Град Скопје, а општините своите финансиски обврски не ги исплаќаат. Доколку сите 10 скопски општини си ги плаќаат обврските, претпријатието ќе работи сигурно и одржливо, а со тоа би се решил и проблемот со исплаќање оштети за каснување од бездомно куче“, наведуваат од претпријатието.
Во реакцијата се наведува дека состојбата се влошува со носењето на голем број бездомни кучиња со комбиња од другите градови во Скопје, затоа што на другите општини тоа им е најлесен и најевтин начин за справување со проблемот. За овој проблем има и пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега нема никава интервенција од полицијата.
„Дополнителен проблем се и селските кучиња кои имаат неодговорни сопственици и кои ги пуштат слободно да се парат. Без соодветно законско решение за регулирање на сопствеништвото сопствениците ниту мораат да ги регистрираат, ниту плаќаат пенали за штетата што ја предизвикуваат“, се вели во соопштението на Лајка.