понеделник, 21 октомври 2024

Лајчак: Косово и Србија мора да воспостават дијалог, инаку се заканува ескалација

Посебниот пратеник на Европска Унија Мирослав Лајчак ги повика Србија и Косово повторно да го воспостават дијалогот за нормализација на односите за да се избегне повторување на минатомесечното насилство на северот на Косово. По 24 септември, кога околу 30 вооружени Срби упаднаа во селото Бањска на мнозински српскиот север на Косово и се забарикадираа во српски православен манастир, напнатоста меѓу Белград и Приштина порасна.

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата по стрелбата го зазеде манастирот. Во пукањето се убиени тројца напаѓачи и еден косовски полицаец. „Нападите во Бањска изменија многу работи и треба правилно да се истражат… Истовремено мора да продолжи дијалогот“, рече Лајчак по состанокот со косовскиот премиер Аљбин Курти. „Ако нема дијалог, би можело да дојде до повторна ескалација“.

Лајчак допатува во посета на регионот со посебниот пратеник на Соединетите Држави за Западен Балкан Габриел Ескобар и со претставници на Франција, Германија и на Италија. По разговорот со Курти ќе се состанат во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ. Околу 50.000 Срби што живеат на северот на Косово не ги признаваат приштинските институции и Белград го сметаат за главен град.

Тие често се судруваат со косовската полиција и со меѓународните мировни сили, но минатомесечното насилство беше најлошо во последните неколку години.

Лајчак ја повика Приштина да почне да работи на воспоставување заедница на српските општини за да се овозможи поголема автономија за подрачјата на кои живее српското мнозинство, но Курти го отфрли овој предлог, тврдејќи дека автономијата би можела да доведе до отцепување на подрачјето со српско мнозинство и негово обединување со Србија.

Приштинските власти го обвинуваат Белград дека ги вооружува и ги поддржува српските борци во Бањска, што српските власти го демантираат. Лајчак го повика Белград да ги истражи настаните и да ги казни сите извршувачи на својата територија. Србија одбива да ја признае независноста на Косово и понатаму го смета за дел од својата територија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ