вторник, 22 октомври 2024

Кривичниот суд го ослободи полицаецот што лани застрела мигрантка

Полицаецот Игор Марков од гевгелиското село Негорци, кој минатата година смртно ја застрела 23-годишна мигрантка Фатмата Камара од Сиера Леоне е ослободен од обвинение. Обвинетиот и неговите адвокати не беа присутни во судницата.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Судот изрази жалење и сочувство до блиските и до сопругот на мигрантката, но како што рече судијата Ненад Савески, Судот одлуките ги носи врз основа на поднесените докази.

„Патот на мигрантите до остварување на нивната цел да стигнат до место кое за нив ветува подобар живот е пропратен со многу предизвици, ризици и опасности. Но надежта за подобар живот е водилката која ги мотивира мигрантите да се впуштат во една ваква цел полна со неизвесност. Судот изразува сочувство до присутниот сопруг Кабубака Камара и на семејството на 23-годишната Фатмата. Ова судење беше многу емотивно. Загубата за изгубениот не може ништо да ја компензира, но Судот одлуките ги носи врз основа на Уставот и законот и врз база на поднесените докази. Оттаму Игор Марков од Негорци се ослободува од обвинение“, рече судијата Савески.

Незадоволство од пресудата, изрази адвокатот Глигорие Ќатоски, полномошник на сопругот, мајката и на сестрата на убиената мигрантка.

„Секако дека не можеме да бидеме задоволни од ослободителната пресуда. Ќе почекаме да ја добиеме и писмено образложената пресуда. Согласно законот за кривична постапка, како полномошници на оштетен, немаме право да поднесуваме жалба на ослободителната пресуда, тоа право го има јавниот обвинител. Се надевам дека таквото право ќе биде искористено“, рече адвокатот.

На 26 септември од Обвинителството соопштија дека е поднесен обвинителен акт против полициски инспектор за сторено кривично дело тешки дела против општата сигурност.

Според соопштеното, обвинетиот и покрај тоа што бил свесен дека на местото на настанот има поголема група на мигранти, како и тоа дека во раката држи огнено оружје полно со муниција, испукал еден истрел предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на насобраните лица. Испуканиот истрел, ја погодил Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела на задно седиште во возило, нанесувајќи ѝ повреда во задниот дел на десното рамо. Како резултат на здобиените повреди, таа починала откако била пренесена во Општата болница во Гевгелија.

Убиството се случи на 19 април 2023 година.

Обвинителството има право на жалба во рок од 15 дена по прием на пресудата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ