недела, 6 октомври 2024

Кривична пријава за седуммина скопјани, незаконски склучувале договори за закуп на спортски објекти

Единицата за корупција во Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција на 5 јули до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе кривична пријава против петмина скопјани поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Кривични пријави се поднесени против Д.Д.(55), М.Г.(32), М.М.(64), К.В. (58) и А.Д.(29), информираа од МВР.

Исто така, поднесена е и кривична пријава против З.И.(60) и Б.Б.(51), двајцата од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата.

Како што информираат од МВР, пријавениот Д.Д., управител на две фирми од Скопје во јули 2019 година, пречекорувајќи ги своите овластувања и неизвршувајќи ја својата службена должност, иако знаел дека во 2013 година добил судска пресуда за побарувања од Јавното претпријатие (ЈП) за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата, за да ги наплати побарувањата, склучил договор за закуп на дел од спортско-рекреативен центар, спротивно на Законот за спорт. Тој знаел дека неговата фирма нема регистрирано дејност од областа на спортот и нема решение за вршење на таква дејност од Агенцијата за млади и спорт.

„Второпријавениот М.Г., управител на правно лице од Скопје, во содејство и по насоки на Д.Д., а спротивно на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, за споменатиот простор склучил договор за закуп, за месечна закупнина во вкупен износ од 9.419.586 денари со вклучен ДДВ за целиот период на закупот, а за наплата на закупнината од страна на тогашниот директор на јавното претпријатие на правното лице му била доставена фактура за наведениот износ. Во договор со тогашниот директор на јавното претпријатие, Д.Д. и М.Г. фактурата ја искористиле за склучување на договор за цесија, со кој закупецот наместо да му плати на јавното претпријатие како закуподавач, требало да биде регулиран долгот кој ЈП го имал кон правното лице по основ на донесената пресуда“, соопштија од МВР.

Исто така, како што потенцираат, Д.Д. со иста цел во 2020 склучил договор за деловна соработка со жител на Истанбул, Турција иако знаел и бил свесен дека склучува договор со тогашниот директор на ЈП за реализација на деловните активности кои произлегуваат од реализација на договорот за закуп на истиот дел од спортско рекреативниот центар склучен помеѓу правното лице од Скопје, чиј управител е М.Г. и јавното претпријатие, кој е даден под закуп на фирма чиј управител е Д.Д., без склучен писмен договор, со што овозможиле корист преку која трите лица требало да остваруваат добивка со правото на користење на простор кој бил за спортска дејност, а на штета на јавниот интерес за спорт.

„Пријавениот М.М., управител на правно лице од Скопје, со пречекорување на границите на своите службени овластувања, во 2004 година склучил договор за закуп со предметното јавно претпријатие за закуп на Олимписки базен во Скопје за период од 15 години, односно до 2019 година, а во периодот што следел иако немал правен основ и без склучен нов договор за закуп, како и без добиено решение за вршење на дејност спорт од надлежната Агенција, постапил спротивно од Законот за спортот, според кој објектите за спорт не смеат да се пренаменуваат и да се користат за друга дејност освен за дејноста спорт, и за дел од тој објект склучил договор за подзакуп со две правни лица, едното од Скопје, другото од тетовско Теарце“, информираа од МВР.

Пријавениот К.В., управител на фирма од Скопје и пријавената А.Д., генерален секретар на правно лице – асоцијација, со пречекорување на границите на своите службени овластувања склучиле договори за закуп со споменатото јавно претпријатие на делови  од објектот на спортско-рекреативниот центар, без правните лица да имаат регистрирано дејност од областа на спортот и без добиено Решение за вршење на дејност спорт од надлежната Агенција, со што постапиле спротивно на Законот за спортот.

Од МВР потенцираат дека пријавените З.И. и Б.Б., поранешни директори на јавното претпријатие, со пропуштање на должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и не повеле постапка за раскинување на претходно склучените договори за закуп со правните лица, како и постапка за ослободување и напуштање на просторот во Олимписки базен Скопје од страна на фирмата – закупец, предизвикувајќи штета на ЈП, со што дошло до нарушување на неговото работење.

Како што појаснуваат во соопштението, штетата на сметка на ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата, односно буџетот на државата која во континуитет била нанесувана од 2004 до денес, ќе биде дополнително утврдена со вештачење кое ќе се изврши по наредба од ОЈО Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ