недела, 24 ноември 2024

Кривична пријава за адвокатот Тортевски, тој вели луѓе што не се членови сакаат да ја преземат партијата

Три физички лица што тврдат дека се членови на Твоја партија, чиј претседател е адвокатот Александар Тортевски, поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство (ЈО), затоа што, како што тврдат, незаконски префрлал партиски пари на сметките на својот син, сопругата, вработени во неговата адвокатска канцеларија, медиумски работници, како и на физички лица за кои нема објаснување врз основа на што им биле префрлани парите што партијата ги добила врз основа на постигнатите резултати од изборите во 2021 година. Тортевски, пак, за МКД.мк вели дека луѓе што воопшто не се ни членови сакаат да ја преземат партијата и му барале да им остави на сметка половина од парите со кои располага партијата, а половина да ги земе за себе.

Објавено на

часот

Сподели

Подносителите на кривичната пријава се сомневаат дека Тортевски парите добиени од Државната изборна комисија врз основа на остварениот резултат на локалните избори во 2021 година ги потрошил неосновано, спротивно на целите и принципите на партијата и без одлука на ниту едно тело на партијата и транспарентно информирање на членството.

„И покрај тоа што мандатот на пријавениот е истечен уште во јануари 2022 година, видно од финансиските прегледи на партијата во неколку наврати има префрлено средства врз основа на договор на дело без детално образложение пред органите и членовите на партијата“, се наведува во кривичната пријава, во која МКД.мк имаше увид.

Пријавителите кон кривичната пријава доставиле финансиски изводи, кои се предложени како докази за нивните сомнежи.

Тројцата подносители на кривичната пријава против адвокатот Александар Тортевски, претседател на Твоја партија, се сомневаат дека тој сукцесивно, во повеќе наврати, во периодот од 2022 до 2024 година им исплаќал различна сума пари на својот син и сопруга, на вработени во својата адвокатска канцеларија, на медиумски работници за изборната кампања, за потребите на партијата за изработка на промотивен видеоматеријал, како и на други физички лица за кои не е наведено за каква услуга им се исплаќани парите.

„Сметаме дека износите што им се исплатени на овие лица се нереални и превисоки затоа што видеата се анимирани и се изработени со помош на вештачка интелегенција со цел да чинат помалку, а дополнително немаше собирање понуди од други лица за изработка на промотивниот видеоматеријал. Освен тоа, дел од видеоматеријалите не можеше да се користи, како поради содржината, така и поради должината, која не соодветствуваше. Воедно, од завршните сметки на Твоја партија за 2020, 2021, 2022 и 2023 јасно може да се увиди дека партијата нема долгови кон добавувачи, односно нема заостанати обврски“, пишува во кривичната пријава.

Со наведените дејствија на пријавениот е направена злоупотреба на паричните средства што се исплатени од страна на државата на штета на партијата во износ од 6.022.741 денар. Постои можност партијата да ја примила и третата транша на финансиски средства од страна на државата, преку Државната изборна комисија, во висина од околу 4.000.000 денари, па сметаме дека и тие парични средства ќе бидат злоупотребени од нелегитимниот претседател. Основаноста на сомневањето е поради одржувањетото конгрес на 13 октомври, спротивно на одредбите од Статутот на партијата, каде што на некој начин, за нас непознат, пријавениот останува на позицијата претседавач на партијата до ноември 2025 година. За нелегитимниот конгрес поведена е постапка пред управен суд. Од сите погоре наведени причини, му предлагаме на Основното јавно обвинителство во Скопје да спроведе дејствија на утврдување на постоење на кривични дела сторени од страна на пријавениот, а доколку во текот на истрагата се открие инволвираност и на други сторители, и против нив да бидат преземени соодветни дејствија“, пишува во пријавата.

Во телефонски разговор, Тортевски пак за МКД.мк вели дека луѓе што воопшто не се ни членови сакаат да ја преземат партијата и му барале да им остави на сметка половина од партите со кои располага партијата, а половина да ги земе за себе.

„Еден од пријавителите сега дојде во партија, а другиот не потпиша изјава за продолжување на постоењето на партијата. Пушти некој електронски допис, кој ние не го прифаќаме затоа што која било партија така може да ни протури членови. Пријавителите не се членови на ниедно тело на партијата, но сепак дадов отчет заради коректност и затоа што помагаа во партијата. Другиот ми бараше пари и сакаше да го вработам, а третиот, иако не сакаше да биде член, од мене побара да вработам манекенки. Ако треба, јас партијата ќе ја затворам, но тоа нема да го направам“, вели Тортевски за МКД.мк.

Според статутот, основен приход на партијата е исклучиво членарината во износ од 100, 300 или 600 денари месечно.

„Партијата нема да прима средства од страна на државата, а доколку добие средства врз основа на Законот за финансирање на политички партии, добиените средства ќе им ги донира на невладини организации за проекти под нејзина контрола. Средствата собрани од членарина се чуваат на посебна жиро-сметка. Во секој момент има два потписници на жиро-сметката, претседателот на Координативниот одбор и Претседателот на Контролниот одбор“, пишува во Статутот на партијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ