Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста, констатирале ревизорите.
„Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 219.650 илјади денари, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО во износ од 100.000 илјади денари и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 119.650 илјади денари. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45 отсто односно 109.000 евра“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Во текот на 2023 година бил вратен краткорочен кредит во износ од 40.000 илјади денари кој бил одобрен во 2022 година, а одобрен е друг кредит од деловна банка на износ од 32.500 илјади денари кој доспева за враќање на крајот на 2024 година. Сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8 отсто до 6,25 отсто.
Што се однесува до квалитетот на услугите, ревизорите од ДЗР утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7 отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5 отсто биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75 отсто и максималниот стандард од 88 отсто за успешно и навремено доставени пратки.
За побрзо и флексибилно сортирање на поштата, а со тоа и поефикасни услуги, минатата година Пошта планирала да набави машина за сортирање на поштенски пратки, но набавката не била спроведена.
Ревизорите утврдиле и други „сериозни неправилности во работењето“ на Македонска пошта.
„Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и два одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење. Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва“, констатирале ревизорите.
Поради финансиски тешкотии, Македонска пошта ненавремено ги подмирила годишните трошоци кон Агенцијата за пошти во износ од 23.461 илјади денари што резултирало со каматни трошоци од 1.990 илјади денари. Сите обврски биле подмирени во април 2024 година.
„Давателите на поштенски услуги, надоместокот го уплаќаат на посебна сметка -Компензациски фонд за финансирање на универзална услуга со која управува Агенцијата за пошти. Во случај кога трошоците се повисоки од приходот остварен од обезбедувањето на универзалната услуга во претходната година, АД Пошта на Северна Македонија има право на надоместок од Компензацискиот фонд, но за да го оствари ова право мора да води посебно сметководство за универзалната услуга, за резервираните услуги, како и за другите поштенски услуги што ги обезбедува. Ревизорите утврдија дека вакво сметководство не е воспоставено поради што до сега не е поднесено барање до Агенцијата за остварување на правото за надоместок на нето трошоците“, велат од ДЗР.
Во делот на јавните набавки ревизорите утврдиле дека Македонска пошта без спроведена постапка за јавна набавка презела обврски за набавка на стоки и услуги, во вкупен износ од 60 илјади евра, што претставува надминување за 36 илјади евра над утврдениот вредносен праг од 24 илјади евра во денарска противвредност.
„Пошта продолжува со континуирани финансиски загуби кои негативно влијаат врз нејзината работа и квалитет на услугите, покажува ревизорскиот извештај за компанијата за 2023 година во кој се наведуваат големи долгови и ненавремено ги подмирува обврските. Само 59,7 отсто од пратките биле доставени навремено, што е далеку под пропишаните стандарди. Дополнително, откриени се неправилности во управувањето со имотот и јавните набавки, како и зголемување на платите на менаџментот, иако друштвото е во финансиска криза“, констатирал ДЗР.
Поради ова ревизорите препорачуваат итни мерки за подобрување на финансиската стабилност и квалитетот на услугите.