недела, 24 ноември 2024

Ковачевски: Верувам дека европска влада во Софија ќе се залага за зачленување на Западен Балкан во ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за изборите во Бугарија, македонскиот премиер Ковачевски рече дека Македонија верува дека една европска влада во Софија ќе се залага за сите тие принципи, исто како што Словенија се залага за зачленување на целиот Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа е единствената алтернатива за економски просперитет на сите граѓани од нашиот регион.  

Тој истакна дека односите на Македонија со Бугарија се базираат на институционална комуникација.

„Тоа значи комуникација на влада со влада, институции со институции, претседател со претседател и доколку погледнеме наназад голем број прашања коишто беа од клучно значење за граѓаните и за справувањето со кризата беа направени и со претседателот и Владата на Бугарија, како што беше непреченото снабдување со гас, либерализација на пазарот на снабдување со гас во нашата држава, која што одеше преку Бугарија, непречено функционирање на прекуграничните капацитети за снабдување со електрична енергија во текот на целата зима, во време кога имаше недостиг на електрична енергија, што исто така беше договорено и испочитувано, како и соработката на многу полиња“, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека има еден еден проблем, а тоа е дека во Бугарија немало политичка волја.

„Тие веќе подолго време функционираат со влада во технички мандат. Вчера таму завршија избори. Ние како држава сосед посакуваме Бугарија да избере политичка влада која што ќе биде ориентирана кон стопроцентно придржување на принципите на ЕУ, на принципите на проширување на ЕУ, почитување на сите своите соседи и градење на добрососедски односи и со нашата држава и со другите соседи“, истакна Ковачевски.  

Словенечкиот премиер оцени дека е добро што изборите во Бугарија се зад нас, бидејќи во време на избори не се решаваат чувствителни прашања.

„Моментално Бугарија се уште нема влада, но со која било влада која ќе биде именувана ќе имаме дијалог, а тоа е значењето на европските интеграции. И Бугарија е свесна за тоа, бидејќи навистина сака да влезе во Шенген зоната. Бугарија е држава која е свесна како е кога некој ќе те исклучи од постапката кога имаш право за понатамошна европска интеграција. Верувам дека ќе има разбирање и за прашањето на Северна Македонија. Мислам дека се работи за јасна порака дека нема друг пат за двете држави и дека се работи за ист процес, а не за два процеси. Тоа е дискурс кој ќе го имаме во Брисел сигурно“, потенцира словенечкиот премиер.   

Во Бугарија вчера се одржаа петтите по ред за две години парламентарни избори. Првите прелиминарни резултати на Државната изброна комисија на Бугарија со избројани 93 отсто гласови покажаа дека ГЕРБ води со помалку од 2 отсто гласови пред реформистичката прозападна коалиција Продолжи со промените/Демократска Бугарија.

Според истиот извор, на вчерашните избори во Бугарија гласале 453 гласачи од Македонија. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ