Тој повтори дека коалициите се прават врз основа на вредности.
„Нормално дека се водат разговори со коалициските партнери. Тие разговори се на две нивоа, едното е со коалициските партнери кои се во нашата коалиција традиционално и гледате дека дел од нив излегоа со соопштенија дека на изборите ќе настапат заедно со СДСМ. Истото се однесува и на разговори со другите коалициски партнери со кои сме во Владата, а со кои делиме заедничка вредност за европските интеграции, но треба да оставиме простор на времето, врз основа на емпириските анализи и врз основа на програмско и кадровско усогласување да дојдеме до заедничка одлука за конкретниот настап на изборите. Но, едно е сигурно, на изборите ќе има два блока, едниот е блокот што се залага за европска интеграција на државата и тој ќе го предводи СДСМ со претседателски кандидат предложен од СДСМ и на изборите на 24 април тој ќе биде победничкиот кандидат, а на изборите на 8 мај коалицијата за европска интеграција на Македонија ќе биде победничката коалиција и јас повторно ќе бидат мандатар за составување на следната влада. Коалициите се прават врз основа на вредности. Ние покажавме во текот на изминатиот мандат и претходно, дека можеме да донесеме одлуки кои значат просперитет за државата, пред се тука мислам на евроатлантските интеграции, но и на економски просперитет“, рече Ковачевски.
Тој ја повика ВМРО-ДПМНЕ да ја објави анкетата, според која, како што рече, 78 отсто од испитаниците не можат да препознаат каква политика промовира оваа опозициска партија, и во делот на евроинтеграциите и во однос на економските и социјалните политки.
„Пред два дена видов една анкета, а ја видоа и граѓаните. Таа е што редовно излегува од аналитички центри блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Убеден бев дека ќе има таква анкета, а убедувањето го базирав на следното: гледате дека во моментов најактивна политичка партија во државата е СДСМ. Имаме голем број трибини во изминатите две недели на кои ги промовираме сите економски постигнувања направени во изминатите години и тие се базирани на факти: зголемени пензии, плати, намален број на невработени на 13 проценти од 24 отсто, зголемен број на вработени само годинава за 10.000, инвестиции на највисоко ниво, капитални инвестиции на највисоки ниво од независноста на државата. Тоа се се факти кои требаше да се споделат со граѓаните. Во тој период ВМРО-ДПМНЕ не беше пристуна зашто немаат со што да парираат и веројатно затоа мораа да излезат со некаква анкета на која ќе можат да имаат нешто за дисксуија. Но нека ја објави ВМРО-ДПМНЕ анкетата во која 78 отсто од испитаниците не можат да препознаат каква политика промовира ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.
Според премиерот, СДСМ има далеку поголем рејтинг и тоа, нагласи, ќе се потврди на претстојните избори.
„Никогаш не се мешам во работата на агенциите, тие си работат по свои методологии, но имаше такви анкети, посебно пред изборите, вонредни и локално, и во Тетово и во Маворово – Ростуше. Тие, исто така, предвидуваа такви резултати, но на крај СДСМ и коалицијата победија со разлика како никогаш досега. Такви анкети имаше и на изборите во 2020 година, па СДСМ и коалицијата ја извојуваа победата, исто ќе биде и во 2024 година“, истакна Ковачевски.