вторник, 22 октомври 2024
Службата за климатски промени

Коперникус: Светот штотуку го доживеа најтоплиот почеток на јуни во историјата

Објавено на

часот

Сподели

Оваа вест доаѓа откако климатскиот феномен Ел Нињо официјално пристигна, предизвикувајќи страв од екстремни временски услови и нови температурни рекорди, пренесува агенцијата Франс прес.

„Светот штотуку го доживеа најтоплиот почеток на јуни во историјата, по месецот мај, кој беше за помалку од 0,1 Целзиусов степен постуден од најтоплиот мај досега“, рече Саманта Берџес, заменик-директорка на Службата за климатски промени Коперникус (Ц3С), контролирана од Европската комисија (ЕК).

„Просечните глобални температури на површинскиот воздух за првите денови од јуни 2023 година беа највисоки во податоците на ЕРА5 за почетокот на јуни“, објави Коперникус.

Некои од податоците се од 1950 година.

Коперникус неодамна објави дека океаните биле потопли минатиот месец од кој било мај досега.

Тие рекоа дека во почетокот на јуни глобалните температури ги надминале прединдустриските нивоа за повеќе од 1,5 Целзиусов степен, најамбициозната граница за глобалното затоплување во Парискиот договор од 2015 година.

Според податоците, дневната глобална просечна температура од 7 до 11 јуни била на или над прагот од 1,5 Целзиусов степен, а на 9 јуни го достигнала максимумот од 1,69 Целзиусови степени.

Иако ова е првпат границата да се мине во јуни, во последните години тоа веќе се случувало во зима и пролет.

„Секој дел од степенот е важен за да се избегнат уште потешки последици од кризата предизвикана од климатските промени“, рече Берџес.

Коперникус се наоѓа во германскиот град Бон, каде што се одржуваат преговорите за климата на Обединетите нации пред самитот за климата КОП28, кој треба да се одржи во Дубаи на крајот на годината.

Службата за климатски промени Коперникус (скратено како Ц3С) е една од шесте тематски служби обезбедени од програмата Коперникус на Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ