вторник, 22 октомври 2024

Кој е ставот на Русија за војната на Блискиот Исток?

Не толку одамна Москва прими делегација на Хамас. Исто така, го обвинува Западот за избувнувањето на насилството, пишува Дојче веле.

Објавено на

часот

Сподели

Според официјалниот став на Русија за војната меѓу Хамас и Израел, САД се виновни за терористичкиот напад на милитантната исламистичка организација Хамас. Москва, исто така, одговорноста за тензиите низ поширокиот Блиски Исток им ја припишува на САД. Спротивно на тоа, Русија вели дека сака мир и дека прави сè за да ѝ стави крај на војната.

Реалноста, меѓутоа, е поинаква, вели рускиот експерт за Блискиот Исток Руслан Сулејманов во интервју за Дојче веле (ДВ).

Тој смета дека Русија има корист од сегашниот конфликт меѓу Израел и Хамас, кој трае речиси еден месец, и дека во нејзин интерес е тој да се одолжи, вели Сулејманов. Тој додава дека Кремљ веројатно е задоволен што конфликтот се прелева во други земји, бидејќи тоа ќе му наштети на неговиот непријател: Соединетите Американски Држави.

„Русија сега заедно со Кина трие раце и ликува додека ситуација на Блискиот Исток се вжештува“, смета Сулејманов. Русија би била задоволна кога „Америка и другите западни земји би го фокусирале своето внимание на Блискиот Исток, а повеќе не на Украина“.

Во интервју за ДВ, рускиот политиколог Константин Пачаљук, кој неодамна се пресели во Израел, се согласува со ова. Тој исто така верува дека Русија ќе биде задоволна ако светското внимание се префрли од Украина на Израел.

Која би била користа на Русија од блискоисточниот конфликт?

Има две причини зошто Пачаљук смета дека рускиот претседател Владимир Путин може да извлече корист од војната на Блискиот Исток.

д

Од една страна, руската пропаганда би можела да го искористи конфликтот за да го исплаши руското население, вели аналитичарот за ДВ. Пропагандните пораки, рече тој, ќе сугерираат дека сите ја обвинуваат Русија за почнувањето на војната во Украина, додека Израел се однесува уште полошо, а Америка не може да стори ништо околу тоа, додека се наѕира голем конфликт на Блискиот Исток. Руската пропаганда ќе имплицира дека постои закана од уште поголема војна, за што е виновен Западот. Пачаљук изјави за ДВ дека пропагандата ќе се обиде да го изнесе следниот аргумент: „За што воопшто треба да ја обвинувате Русија? Во морална смисла, никој не може да нѐ обвини нас“.

Од друга страна, Русија сега може да ги покаже своите блиски врски со исламскиот свет, вели Пачаљук. Меѓутоа, во реалноста, Русија веќе нема опипливо влијание во регионот, ниту во Сирија, Египет ниту во Иран. Како таква, Русија ќе сака да му покаже на арапскиот свет дека во Русија живеат многу муслимани, од кои сите ги поддржуваат Палестинците, вели Пачаљук.

Дали Русија се соочува со внатрешни превирања?

Рускиот политиколог и економист Михаил Крутихин, кој живее во Норвешка, воопшто не се согласува со ова. Војната на Блискиот Исток политички ќе ѝ наштети на Русија, вели тој за ДВ.

Неодамнешните антисемитски напади во неколку руски региони со муслиманско мнозинство, вели тој, претставуваат проблем за Русија. Тој особено се осврна на инцидентот во Дагестан, каде што илјадници гневни мажи упаднаа на аеродромот во Махачкала откако таму слета авион од Тел Авив. Овој инцидент и други се јасни сигнали дека станува сè потешко за Кремљ да обезбеди безбедност низ руските региони, вели Крутичин. „Мислам дека ова ќе има многу негативно влијание врз политичката стабилност во самата Русија“, додава тој. Москва ќе мора да биде многу повнимателна по овие инциденти и да ја стивне својата антисемитска реторика, рече тој, доколку сака да избегне дестабилизација на нејзините региони.

Русија нема да има ниту политичка ниту економска корист од војната на Блискиот Исток, вели Крутичин. Значителниот пораст на цената на нафтата би се претворил во поголема заработка за Русија. Но тоа не е така. Напротив, вели Крутичин. Цените привремено паѓаат бидејќи ниту една од земјите-производители на нафта не е подготвена да влезе во војна на страната на Палестинците, вели експертот за ДВ.

Може ли Русија да дејствува како посредник?

Контроверзната посета на делегација на Хамас на Москва пред неколку дена, која наиде на жестоки критики од Израел, нема да има значително влијание врз воспоставувањето мир во регионот, вели Пачаљук. Примарната цел на состанокот беше ослободување на руските заложници, додаде тој.

Дали Русија навистина може да направи нешто за да помогне во ослободувањето на заложниците, според Сулејманов, е под знак прашалник. Ако го направи тоа, ќе треба да се преговара со други актери, рече тој.

д

Контактите на Русија со Хамас всушност се со сосема различни цели, вели Сулејманов. „Најважно, мислам, е тоа што (рускиот претседател Владимир) Путин се чувствува лично навреден од (израелскиот премиер) Бенјамин Нетанјаху. Нетанјаху се сметаше за пријател на Путин, тој често ја посетуваше Москва“, вели аналитичарот за ДВ. Путин се надеваше дека Нетанјаху ќе го поддржи во војната против Украина, рече Сулејманов. Но Израел не застана на страната на Русија, а Путин не му прости на Нетанјаху за тоа, вели Сулејманов. Руската државна пропаганда, додаде тој, го отсликува тоа, при што телевизиските дебати практично ликуваат за војната на Блискиот Исток. „Путин очигледно сака да испрати порака дека ако вие (Израел) се однесувате вака, ние ќе ги продлабочиме нашите односи со вашиот главен непријател Иран и со иранскиот посредник на Блискиот Исток, Хамас“.

Овој став, сепак, може да ѝ наштети на положбата на Русија во Израел, вели Пачаљук. „Несомнено, ова (однесување) ги иритира Израелците“, вели за ДВ аналитичарот од Израел. „Сакам да повторам дека речиси една третина од населението овде во Израел зборува руски и повеќе или помалку емигрирале од Русија или имале врски со Русија. Многумина Израелци што зборуваат руски ја поддржуваа Русија дури и по почетокот на војната во Украина, рече тој, но сега се „сериозно загрижени“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ