недела, 24 ноември 2024

„Кога ќе дојде време, сѐ ќе кажам“: До Преспанскиот договор на балкански начин

Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор, ретко некој од актерите на она што се случуваше по 17 јуни 2018 година денес е спремен отворено да зборува. Кога минатиот месец на еден од брифинзите во Брисел со одговорните лица на ЕУ за досието Македонија го поставив прашањето што ќе се случи ако се докаже дека усвојувањето на уставните измени по Преспанскиот договор било резултат на криминал и корупција, единствениот одговор беше – Собранието ќе мора повторно да одлучува за името Северна Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Сите ние што ги следевме настаните околу Преспанскиот договор, особено она што се случуваше со обезбедувањето мнозинство во Собранието за изгласување на уставните измени, знаевме дека се врши огромен притисок, уцени, закани врз одреден број опозициски пратеници (од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ) за да се обезбеди посакуваното двотретинско собраниско мнозинство. Само така, со 81 глас „за“ промена на Уставот, Преспанскиот договор можеше да стане реалност.

Дека тука не се работело само за убедување поединци каква светла иднина ја чека Македонија откако ќе се прекрсти во Северна отворено призна и еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, кој беше дел од таа валкана игра на доаѓање до бројката 81 „за“ промена на Уставот на Република Македонија.

Потребни се осум или девет гласа од опозицијата, и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и во НАТО, вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш едноставно мора да ја платите цената на ова решение. Станува збор за решение што е во интерес на земјата, а не на партиите и политичарите. И во таков случај, како може да се обезбедат гласовите? Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното“, рече тогаш еврокомесарот Јоханес Хан.

Тие денови во тоа значителна беше и улогата на американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли и на шефот на канцеларијата на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар.

По потпишувањето на Преспанскиот договор, се отвори и прашањето за предвремени избори за обезбедување на тоа мнозинство. Но тоа ќе беше „европскиот пат“.

Тогаш ЕУ, покажувајќи ја повторно својата непринципиелност, преку Хан даде „балканска“ препорака: „Новите избори ќе бидат само одолжување на патот кон почеток на преговорите за пристапување на ПЈРМ во ЕУ, што е планирано за летото наредната година“.

Оттогаш поминаа многу лета.

По потпишувањето на Преспанскиот договор, на 30 септември 2018 година се одржа и референдум за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

Според толкувањето на тогашната власт (СДСМ и ДУИ) референдумот беше успешен, иако Државната изборна комисија тогаш официјално соопшти: „Одлуката не е усвоена бидејќи не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Или, од 1.806.336 граѓани запишани во Избирачкиот список, гласале 666.743 граѓани, односно 36,91 проценти од вкупниот број граѓани запишани во списокот. Бројот на неупотребените гласачки ливчиња изнесува 1.139.593“.

Но и ова не беше ништо за тогашниот премиер Зоран Заев & компанија. Се впрегнаа сите сили за спроведување на договорот од Нивици по балкански пат. Претставниците на меѓународната заедница, ЕУ, САД, дел од западноевропските амбасади во Скопје, по ваквото толкување на резултатите на референдумот му дадоа одврзани раце на Заев да ја спроведе препораката за балканскиот пат во обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на уставните измени.

Улогата на СЈО и Мијалков

Тоа беше времето кога голем број поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа дел од предистрагите или истрагите, од обвиненијата на тогашното Специјално јавно обвинителство. На многумина од нив им се закануваа сериозни казни, години и години затвор. Еден од нив беше и Сашо Мијалков, тогаш еден од најмоќните луѓе во државата и во ВМРО-ДПМНЕ. Според многумина актери од тој период, тој бил менторот во постигнувањето мнозинство од 81 пратеник што ќе ги поддржат уставните измени во македонското Собрание.

За ова сведочи и опширната реакција на бегалецот Никола Груевски на неодамнешното интервју на Гордана Јанкуловска – поранешниот премиер вели дека отворено, во неколку наврати, му била понудена слобода во замена за поддршка на Преспанскиот договор: „…одбив дури три понуди да го поддржам Преспанскиот договор, а за возврат да прекине прогонот против мене“.

Пендаровски за средбите во Мериот

Во ноември 2022 година тогашниот македонски претседател Стево Пендаровски во изјава за медиумите кажа некои детали, дотогаш непознати, за преговорите за промена на името и уставните измени што следуваа. Пендаровски всушност кажа дека осумте пратеници пред гласањето имале долг разговор со тогашниот американски амбасадор Џес Бејли.

Осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ што гласаа тогаш кога требаше да се отвора Уставот имаа прилично долг состанок во хотел Мериот со американскиот амбасадор. Прилично долг, неколку часа, во кои тој ги убедуваше, не им се закануваше, зошто тоа би требало да го направат. Сега тоа не може да се замисли да се случува“, откри Пендаровски.

Со ова претседателот на државата практично призна постоење на директен притисок врз народните избраници од страна на странски дипломат, на земја стратегиски партнер на Македонија, што ги поткрепува многуте оправдани сомневања на јавноста за тоа кој стои зад недемократските процеси и промената на името на Македонија.

Осумтемина и по нив

Хан го трасираше патот – остави простор за примена на методи и средства спротивни на принципите и практиките на европската демократија. Ова предизвика зачуденост кај голем број дипломати, кои секојдневно следеа што се случува во Скопје и покрај постојаните укажувања од ЕУ и од НАТО за потребата од реформирање токму на тој балкански принцип на општествено функционирање за земјата да добие шанса да преговара за влез во нивниот клуб.

Овојпат патот за тој влез беше поинаку трасиран. Самото споменување на фразата „балкански начин“ беше доволно јасно за домашните актери како да се изведе тоа. Почна примената на незаконски и насилни методи – уцени, закани, случајни средби со членови на нивни семејства, пиштоли, цевки во стомак, торби со пари, ветувања за поблаги казни или целосно укинување на судските процеси против поединци… Македонија „едноставно мора да ја плати цената“, рече Хан.

Се дојде до посакуваните осум гласа од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ – Владанка Авировиќ, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Зекир Рамчиловиќ, Елизабета Канческа Милевска и Емилија Александрова.

Ајде да видиме што им се случи во годините откако овие осуммина гласаа за промена на името Република Македонија во Северна.

Семејната компанија на пратеникот Крсто Мукоски оствари огромни приходи од државни тендери за време на актуелната власт, покажуваат проверките на веб-страниците на Бирото за јавни набавки, УЈП и Централниот регистар. Главните локации за бизнис за фирмите на Мукоски од Вевчани биле Струмица и Град Скопје. Фирмата „Алтум ДОО Вевчани“, која е во сопственост на фамилијата на поранешниот пратеник Мукоски, за време на владеењето на Зоран Заев и СДСМ од државни институции вкупно добила нешто над 10 милиони денари. Еден месец откако Мукоски излезе од притвор и гласаше за уставните измени, фирмата што ја води неговиот брат Бобан од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСП) доби тендер вреден над 680.000 евра. Од 2015 година до сега ова е четврти тендер од АДСП што го добива фирмата „Атриум“, а нивната вкупна вредност е 3,5 милиони евра. „Атриум“, вевчанска градежно-занаетска компанија, четири години по ред добива тендери од АДСП (поранешен ПУИК). „Атриум“ според јавната база податоци добил 29 договори од државни институции и органи.

Пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски беа амнестирани со Законот за амнестија за случувањата во Собранието на 27 април.

Во 2023 година со пресуда од Основниот кривичен суд Скопје беше ослободена од вина Елизабета Канческа – Милевска, бивша министерка за култура, првообвинета во случајот на СЈО „Тендери”, во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“.

Синот на Владанка Авировиќ, откако беше осуден во случајот „Труст”, од апелацискиот суд доби условна казна.

Во истиот случај против Сеад Кочан, на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ му беше намалена казнета од 6 на 4 и пол години.

Медиумите објавија дека ќерката на Емилија Александрова е вработена во Фондот за иновации.

По одлуката на Апелацискиот суд да ја укине првостепената пресуда за „Таргет и Тврдина“, само се потврдија шпекулациите дека на овој начин се реализира пакетот што наводно му бил ветен на Сашо Мијалков, за неговото наводно „залагање“ осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се одметнат и да го аминуваат Преспанскиот договор.

За неговата улога во една прилика изјава даде и поранешниот премиер Зоран Заев, кој јавно потврди дека Мијалков разговарал со пратениците.

„Сашо Мијалков зборуваше со пратеници поради тоа што верува во тоа решение. Тоа им го кажуваше на сите, јавно се зборува во Скопје, насекаде, дека тој зборувал со пратениците. Седел со нив, ги охрабрувал, лично верувал“, изјави тогаш Заев.

За тоа што се случуваше на 11 јануари 2019, кога Собранието ѝ го смени името на Република Македонија, еве што вели во изјава за МКД.мк тогашниот пратеник на Социјалистичката партија Љупчо Димовски.

Сценариото за притисок врз пратениците почнува многу пред формалното гласање, односно непосредно по 27 април 2017 година, и кулминацијата на исполнување на народното незадоволство од тогашната политичка состојба и непочитување на изборниот резултат.

Очигледна е селективноста во изборот на пратениците за кои се сметало дека со одреден притисок, закана, уцена или поткупување ќе го прифатат Преспанскиот договор со сите последици што ги носи. Одбрани се пратеници за кои се исконструирани кривични обвиненија или обвиненија за нивни блиски од најтесното семејство. Подоцна се подигнати монструозни обвиненија за терористичко загрозување на уставниот поредок против пет внимателно одбрани пратеници за кои се претпоставувало дека ќе покажат психичка слабост и ќе подлегнат на ‘пријателските’ убедувања или понуди, а подоцна и на уцените и на отворените закани.

Таканаречените убедувања се поткрепени со потребата од наводно забрзување на евроатлантскиот интегративен процес и ‘светлата’ иднина на Македонија со променето име. Влијанието врз пратениците почнува со пријателски и колегијални совети за потребата од свест за македонските перспективи, за што ќе следува благодарност од јавноста. А ако ја нема таа свест, следуваа заплашувања преку предупредувања за лошите последици за пратениците или за нивните семејства.

Подоцна предупредувањата се заменија со нападна љубезност, понуди за дружења, ветувања за одредени поволности, вредни подароци, вработувања на блиски или создавање простор за деловни зделки преку наместени јавни набавки. Воедно на некои им е понуден сериозно висок финансиски надомест како охрабрување за гласањето.

Следната фаза се директните закани со повеќе предмети со тешки обвиненија за пратениците или нивните најблиски, притворања и почеток на судски процеси. Или со насилно влегување во нивните домови со кршење и демолирање на влезните врати со асистенција на посебни полициски сили под оружје и со вперени цевки кон членовите на семејствата.

Крајната фаза е лишување на пратениците од нивното слободно движење, киднапирање на одредено време заради разговор и нивно убедување за потребата од гласање, дури и со закана со вперено оружје во глава.

Дел од пратениците потклекнаа и психички послабите прифатија да гласаат за уставните промени. Но сите тие имаат и материјално-финансиска корист од сето тоа, запирање на постапките против нив или нивните блиски или награда за професионално усовршување. Само двајца од одбраните пратеници, и покрај сите притисоци, закани, уцени и понуди со подмитување, останаа цврсти, не покажаа слабост и не попуштија.

Дента на самиот чин на првото гласање за потребата од отворање на Уставот во собраниската зграда престојуваа дипломатски претставници заради последно убедување на пратениците, кои на чуден начин, некои и од притвор, преку задните врати се внесени во објектот директно во просториите на претседателскиот кабинет. На овие разговори пратениците побарале дипломатите да дадат гаранции кон нив за нивна заштита и грижа за нивната иднина.

Ништо од ова на македонската јавност не ѝ е познато, се чини како повеќе и да не постои ниту интерес за периодот кога нашата држава беше на работ во квалификацијата на класична сурова диктатура. Мислам дека сѐ помалку има подготвеност и кај пратениците што поминале низ овој пекол да говорат за настаните затоа што сметаат дека со бегањето од темата и нејзино свесно заташкување можеби ќе создаде услови за можно нејзино повторување. Затоа е потребно отворено да се зборува за настаните и задолжително да се отвори нов судски процес, на кој ќе се дојде до вистината и до рехабилитација на сурово осудените и затворени уставобранители“, рече Димовски.

Се обидовме и со други пратеници да разговараме на оваа тема. Но освен муабетите дека им се нуделе пари, дека биле под постојан притисок и од странски дипломати, дека поединци им велеле да се симнат долу пред Собранието, да го отворат багажникот од таа и таа кола и да си земат торба со пари… не сакаа официјално да зборуваат за ова. Кога ќе дојде време, сѐ ќе кажам, рече еден од нив.

Тоа време одамна дојде и пројде. Се смени и власта, а исто како да не се сменила во однос на Преспанскиот договор и националното достоинство. И покрај бедните обиди да се претстави како триумф, Договорот нѐ закова на дното на пониженоста, а за што? Од влегување во ЕУ никогаш не сме биле подалеку – ниту ние сме спремни, ниту некој во ЕУ нѐ сака.

Останува само горчината дека нѐ продадоа за беспари.

Александар Дамовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ