среда, 11 декември 2024

Коцевски: На постапките за коруптивни кривични дела има приоритет и од граѓаните, но и од ЕУ

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека во наредниот период пред јавноста ќе бидат презентирани конкретни резултати во повеќе сложени предмети и од областа на финансискиот криминал, но и предмети поврзани со тешки кривични дела против животот и телото, на кои јавните обвинители интензивно работеле изминатите месеци.

Објавено на

часот

Сподели

Новодонесеното упатство со кое се дава приоритет на постапките за коруптивни кривични дела, Коцевски рече дека е во насока на тоа што во оваа сфера и граѓаните, и ЕУ итно очекуваат резултати.

„Согласно упатството, веќе во наредните десетина дена ги очекувам првите информации од пониските јавни обвинителства во поглед на досегашниот тек на таквите постапки, воочените проблеми и предлози за нивно надминување. За сите сознанија јавноста транспарентно ќе ја известуваме“, изјави Коцевски.

Дополнително, републичкиот обвинител информираше дека спроведувањето на финансиските истраги во предметите каде ќе бидат детектирани приноси од кривично дело во иднина ќе бидат правило, а не исклучок.

„Со поддршка на САД опремени се истражните центри во ОЈО Скопје и ОЈО ГОКК, кои сега имаат навистина современи можности за преземање истражни дејствија. Објавен е, и до следната недела е во тек оглас за припадници на МВР за пополнување на позиции во истражните центри. Во функција се истражните центри во Куманово и Тетово, а до крајот на година ќе се формираат и во Битола ,и во Штип. Во сите овие чекори очекувам резултати и тоа на краток рок. За граѓаните ќе бидат видлива правдата и ќе биде јасна улогата на Обвинителството во испорачувањето на правдата“, нагласи Коцевски.

Коцевски, на почетокот на денешниот брифинг на кој присуствуваа повеќе јавни обвинители, како и шефовите на ОЈО ГОКК, Ислам Абази и на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, посочи дека јакнењето на транспарентноста е еден од основните приоритети во неговиот мандат и искрено верува дека транспарентноста ја зајакнува и отчетноста, а со тоа и одговорноста на јавните обвинители.

Во однос на изјавата на премиерот дека до Обвинителство биле поднесени стотици пријави, републичкиот јавен обвинител рече дека тоа е сепак политичка изјава.

„Дали се стотици, повеќе или помалку од сто, бројката конкретно не можам да ја посочам, меѓутоа можам да кажам дека досега сите извештаи, кривични пријави доставени од надлежни органи се заведени и по нив се постапува. Ако внимателно ја следите состојбата ќе видите дека и Државниот завод за ревизија доставија ревизорски извештаи каде евентуално постои сомнеж или индиции за некакво кривично дело и од страна на ЈО се преземаат дејствија по сите до еден извештаи. Соработката ни е одлична и очекуваме наскоро и исход на тие постапки“, изјави Коцевски.

Во однос на институтот „по допрен глас“, на брифингот беше посочено дека првично е на правосудната полиција, финансова полиција или царинска управа да го почне како процес, а кога тоа нема да се случи, обвинителството е најповикано ако нема акција од полицијата. Тие, како што беше посочено, располагаат со 20 илјади луѓе, додека обвинителството располага со 13 лица.

Во однос на финансиите, Коцевски нагласи дека и во Собранието укажал дека не е исполнета законската обврска од 0,4 проценти од буџетот. Минатата година беа одобрени 0,2 и годинава 0,2 проценти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ