вторник, 22 октомври 2024

Ќе има ли пресудата на синот на Бајден последици за неговата претседателска кампања?

Во Соединетите Американски Држави повторно во фокусот на медиумското внимание е една судска одлука. Пред две недели се зборуваше за пресудата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, а овој пат станува збор за синот на претседателот Хантер Бајден. Тој беше прогласен за виновен по сите три точки од обвинението за кршење на законот за оружје.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е првпат дете на актуелен претседател да е осудено на сојузно ниво. Специјалниот обвинител Дејвид Вајс по објавувањето на пресудата истакна дека никој не е над законот. На Хантер Бајден му се заканува парична казна од 750.000 долари и до 25 години затвор. Но, не е веројатно дека казната ќе биде толку драстична бидејќи синот на претседателот досега не е осудуван.

Не се чекаше долго на реакцијата на американскиот претседател Џо Бајден. Во писмено соопштение кажа дека ја прифаќа пресудата против својот син. Истовремено му ја гарантираше својата поддршка и кажа дека е горд на Хантер откако ја надминал својата зависност од дрога. Американскиот претседател минатата недела изјави дека ќе ја прифати пресудата и истакна дека нема да го помилува својот син.

За Демократската партија оваа пресуда против Хантер Бајден е доказ за функционалноста на американското правосудство. Водечките републиканци, пред сè претседателскиот кандидат Доналд Трамп, го тврдат спротивното. Тие го обвинуваат Џо Бајден за злоупотреба на правосудството за да ги отстранат политичките противници.

Демократскиот пратеник Џим Мекговерн по изрекувањето на пресудата го постави прашањето како по таа судска одлука кој било републиканец може да тврди дека власта на Бајден го користи правосудството за да им наштети на републиканците и да им помогне на демократите.

Но, претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон на прашањето на Си-ен-ен дали со оваа пресуда е негирано неговото мислење дека американското правосудство има двојни аршини, одговори: „Не“. Додаде дека доказите во овој случај биле несоборливи и дека не смета дека така било во судскиот процес против Трамп. Според него, сите обвиненија против Трамп се очигледно поднесени од политички причини. Хантер Бајден е посебен случај, кажа Џонсон.

Фокс њуз го има истото мислење. „Само затоа што е осуден еден демократ, тоа не значи дека правосудството не се злоупотребува“, кажа водителот Џеси Вотерс. А републиканската пратеничка Марџори Тејлор Грин на социјалната мрежа Икс напиша дека единствената причина за донесувањето на ваква пресуда против Хантер Бајден е создавање лажен впечаток за независно правосудство.

За републиканците целата судска постапка поради кршењето на законот за оружје е само тактичко залажување. И изборниот штаб на Трамп објави дека ова судење е само одвратување на вниманието од вистинските злосторства на семејството Бајден.

Џо Бајден мора да смета на тоа дека републиканците ќе се обидат да му наштетат користејќи ја пресудата изречена на неговиот син.

А во септември следи следната судска постапка против синот на Бајден. 54-годишникот во Калифорнија е обвинет за затајување данок во милионски износи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ