вторник, 22 октомври 2024

Кипар реагираше на заканите на Хезболах: „Не е пријатно, не сме вмешани во конфликтите и војната“

Портпаролот на кипарската влада Константинос Летимбиотис изјави денес дека „не се пријатни“ изјавите на лидерот на либанската милитантна група Хезболах Саед Хасан Насрала дека Кипар би можел да се смета за „учесник во војната“ ако продолжи да му дозволува на Израел да ги користи кипарските аеродроми и бази за воени вежби, како и дека Кипар поради тие закани ќе преземе соодветни дејства преку дипломатски канали.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Кипар не е вмешан и нема да биде вмешан во какви било војни и конфликти“, кажа Летимбиотис. Тој го повтори она што вчера го кажа претседателот на Кипар Никос Христодулидес, дека „Кипар е дел од решението, а не од проблемот“ и инсистираше на тоа дека Кипар е „столб на мирот и стабилноста во регионот“. Летимбиотис истакна дека односите меѓу Кипар и Либан се „одлични“.

Исто така кажа дека на ниедна земја кипарската влада нема да ѝ дозволи да изведува воени операции на островот, но укажа на „посебноста“ на постоењето на британски бази на Кипар, за кои кажа дека „имаат поинаков статус“.

Министерот за правда на Кипар Мариос Харциотис кажа дека мерките во врска со прашањата како што е тероризмот секојдневно „се ажурираат и проценуваат“.

„Разбирливо е што изјавите на Насрала исто така се проценуваат, а преземените мерки се ажурираат на дневна база, според информациите кои ги располагаме“, кажа тој.

И израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац реагираше на изјавите на Насрала.

„Насрала се заканува со напад на Кипар. Иранските ракети и екстремистичкиот исламски тероризам им се закануваат на европските земји и целиот свет. Мораме сега да го сопреме Иран пред да биде прекасно“, напиша тој на мрежата Икс.

Кипарското и британското министерство за одбрана, како и Европската комисија ветија дека ќе дадат изјави во догледно време, додека портпаролот на грчкото министерство за одбрана кажа дека неговата земја не е запознаена со заканувачките изјави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ