сабота, 19 октомври 2024

Кина го предупреди Западот: „Ќе направите историска грешка ако се разделите од нас“

Кога Кина и САД работат заедно, може да се постигнат големи работи за двете земји и за целиот свет, изјави вчера кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, предупредувајќи ги оние што сакаат да се одвојат од Кина дека ќе направат „историска грешка“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи на безбедносната конференција во Минхен, Ванг им рече на западните државници, дипломати и воени експерти дека Кина ќе ги брани своите легитимни интереси и права, но и ќе дејствува со чувство на одговорност за историјата, својот народ и целиот свет.

„Сакаме да работиме на подобрување на билатералните односи со САД врз основа на заемно почитување, мирен соживот и соработка“, рече Ванг.

Зборувајќи за односите со Европа, тој рече дека е „императив“ двете страни да се ослободат од геополитичките и идеолошките пречки.

„Мораме да се гледаме како партнери, а не како ривали“, посочи тој.

Во однос на Русија, тој рече дека таа е најголемиот копнен сосед на Кина, со кој односите постојано се развиваат на принципите на несудирање и ненапаѓање трети страни. „Тоа ѝ служи на стабилноста во азиско-пацифичкиот регион и во светот“, рече Ванг.

Тој повтори дека Тајван е нераскинлив дел од кинеската територија и дека „работите на Тајван се внатрешни работи на Кина“. „За да се одржи мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, мора да се почитува принципот на една Кина и да се отфрли независноста на Тајван“, нагласи шефот на кинеската дипломатија.

Нудејќи поблиски односи, тој исто така го предупреди Западот дека би било погрешно да се одвои од Кина во името на наводно намалување на зависноста од таа економска сила.

„Секој што ќе се обиде да направи десиницизација во име на намалување на ризикот, ќе направи историска грешка. Светот е голем океан што не може да се подели на изолирани езера“, рече тој. „Како патници на истиот брод, треба да го направиме светот попредвидлив, а иднината посветла“, заклучи кинескиот министер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ