вторник, 22 октомври 2024

Кина ги повика САД да ги укинат нелегалните и еднострани санкции против кинеските компании

Портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан рече дека Кина силно се спротивставува и го осудува „измислувањето“ и ширењето на дезинформации од страна на САД за западниот кинески регион Синџијанг и ги повика САД да ги укинат своите „незаконски и еднострани санкции“ за кинеските компании.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ја повикуваме американската страна веднаш да престане да ја клевети Кина, да ги укине своите незаконски еднострани санкции кон кинеските компании и да престане да се меша во внатрешните работи на Кина и да ги поткопува кинеските интереси под превезот на човековите права“, рече Лин, пренесе денеска новинската агенција Синхуа.

Забелешките на Лин следеа по известувањето на американското Министерство за домашна безбедност, во кое Вашингтон додаде три кинески компании на списокот компании од кои се забранува увозот врз основа на наводна „принудна работа“.

Американските власти тврдат дека кинеските власти воспоставиле работни кампови за Ујгурите и другите муслимански малцински групи во Синџијанг, додека Пекинг негира какви било злоупотреби против Ујгурите.

„Постојано наведуваме доста бројки и факти за да ги побиеме неоснованите приказни за ‘принудна работа’ и ‘геноцид’“, рече Лин, додавајќи дека приказните околу Синџијанг се лажни и измислени од мал број поединци за да го нарушат Синџијанг и да го попречат кинескиот развој.

Според него, фактот што САД инсистираат на спроведување на законите поврзани со Синџијанг и додавање на кинеските компании на списокот со санкции покажува дека сериозно се мешаат во внатрешните работи на Кина, со што се нарушува нормалниот поредок на пазарот и се кршат правилата на меѓународната трговија.

Лин истакна дека САД се соочуваат со многу проблеми на теренот, како расна дискриминација, насилство и злоупотреба на дрога.

„Ако земјата (САД) навистина се грижи за човековите права, треба да преземе мерки за решавање на таквите проблеми, наместо да се меша во работите на други земји и да ги злоупотребува санкциите“, оцени Лин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ