сабота, 23 ноември 2024

Какви безбедносни информации крие договорот за автопатите, па Владата не го објавува

Објавено на

часот

Сподели

Во официјалниот допис МКД.мк ја праша Владата зошто договорот за изградба на автопатиштата долж коридорите 8 и 10д е таен, според кои законски прописи договорите што ги склучува Владата, а особено оние што се финансираат со пари од Буџетот, се тајни, кои точно договори што ги склучува владата се тајни, а кои не, и од што зависи дали еден договор што го потпишува владата ќе биде таен или не.

Наместо одговори на овие прашања, од владата добивме објаснување за измените во Законот за работни односи што се пред Собранието на одлучување и една реченица за договорот што Владата го потпиша со компанијата „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата долж коридорите 8 и 10д.

„Изградбата на Коридорот 8 и 10д е од стратешко значење за државата, утврдено со Специјален закон што го изгласаа пратениците во Собранието, затоа се наметна потребата од создавање законска рамка за брзо, квалитетно и законско извршување на работите. Навремената изградба на автопатските делници има позитивни економски и социјални ефекти за граѓаните, компаниите, протокот на стока и услуги, а најмногу од сѐ ќе значи зголемена безбедност на корисниците, намалување на времето на патување, намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зачувување на животите на граѓаните“, пишува во одговорот на Владата.

За кој било документ да биде недостапен за јавноста, тој треба да биде означен како документ што е заштитен со степен на тајност, односно информациите содржани во него мора да бидат означени како класифицирани информации.

„Класифицирана информација е информација од делокругот на работа на орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје или други правни лица којашто се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата која согласно со закон мора да се заштити од неовластен пристап и е обележана со соодветен степен на класификација согласно со овој закон. Класифицирани информации може да претставуваат и документи, технички средства, машини, опрема, односно одвоени компоненти или оружје или алати што се произведени или се во процес на производство, како и доверливите пронајдоци што се однесуваат на одбраната и се од интерес на безбедноста на државата “, пишува во Законот за класифицирани информации.

д

Според истиот закон, „документ“ е секој пишан текст, нацрт или скица, репродукција, копија, фотографија, аудио, видео, магнетски, електронски, оптички или друг вид запис во кој се содржани информации.

Класификацијата на информациите се врши според нивната содржина и постојат четири вида степени на тајност на документите, а тоа се државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно. Постојат и информации што немаат степен на заштита, но сепак до ваквите информации не е дозволен пристап по принципот на пристап до информации од јавен карактер.

„Информациите со чие откривање би се намалила ефикасноста на работењето на органите на државната и локалната власт основани согласно со Уставот и со закон, правни лица основани од Републиката или од општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, добиваат ознака За ограничена употреба. Оваа ознака не претставува степен на класификација, но до ваквите информации не е дозволен слободен пристап. Начинот на чување и ракување со информациите за ограничена употреба со уредба поблиску ги уредува Владата“, пишува во Законот за класифицирани информации.

Но Законот за класифицирани информации пропишува и кога и под кои услови една информација не претставува класифицирана информација.

„Ако со класифицираната информација се прикрива пречекорување на овластување, злоупотреба на функцијата или некое друго незаконско дејствие, односно казниво дело, таквата информација нема да се смета за класифицирана. На лицата што ќе ја пријават информацијата до надлежен орган согласно со Законот за заштита на укажувачи, им се гарантира заштита согласно со закон“, пишува во Законот за класифицирани информации.

Од владата засега нема објаснување дали во договорот има информации со кои се штити јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата, па оттука тие не може да бидат споделени со јавноста.

Ако нема, пак, ништо спорно, тогаш договорот помеѓу владата и изведувачот на градежните работи треба да биде јавен документ, во кој може да има увид секој граѓанин ако ги исполнува условите според Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Според овој закон, информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во Градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон и дејности од јавен интерес и политичките партии во делот на приходите и расходите.

Редакцијата на МКД.мк до Владата ќе упати официјално барање за пристап до информации од јавен карактер со кое на увид ќе го побара договорот склучен помеѓу неа и американската компанија „Бехтел и Енка“, со кој компанија се обврзува во рок од четири години и седум месеци да изгради скоро 110 километри автопатишта низ Македонија долж коридорите 8 и 10д.

Искра Опетческа

Фото: Роберт Атанасовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ