четврток, 21 ноември 2024
Годишна прес-конференција на претседателката на Уставниот суд

Кацарска се пофали со ажурноста, се пожали на неекипираноста на судот

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска одржа годишна прес-конференција на која ги изнесе заклучоците од работењето на Судот во текот на 2023 година и истакна дека покрај непополнетиот состав на Судот, одржани се рекорден број на седници, што како што рече, не било случај во последните 22 години.

Објавено на

часот

Сподели

Кацарска соопшти дека до денеска во Уставниот суд се примени 210 иницијативи и оваа бројка, вели таа, отскокнува од просекот во изминатите 5 години кој се движи помеѓу 130-170, ако се исклучи 2020-та година кога поради ковид-пандемијата беа оспорени стотици Уредби на Владата кои што се однесуваа на преземените мерки.

„Оваа бројка од 210 нови иницијативи и уште 7 барања за заштита на слободи и права е векторот што нам ни носи информација дека граѓаните се сѐ повеќе информирани за Уставниот суд и стануваат свесни за неговата улога и значење во нашиот правен поредок. Најголемиот број од иницијативите, околу 60 отсто односно 127 се пристигнати токму од граѓаните. Петнаесет предмети се оформени по иницијатива на различни општини, седум предмети се иницирани од политички партии, а осумнаесет се на иницијатива на здруженија на граѓани. Пет предмети се по сопствена иницијатива на судот за разлика од вкупно 12 во изминатите 22 години “, соопшти Кацарска.

Според податоците што ги изнесе таа, судот решил 186 предмети формирани во последните пет години, а најстариот предмет е од 2018 година. Како покарактеристични ги наведе одлуките за Законот за судски совет, Законот за градење, Законот за средно образование. За 14 предмети пак, се чека на одлука на судиите.

Според неа и во 2024 година ќе остане за решавање најгорливиот проблем за судот, а тоа е непополнувањето на судиите кои треба да бидат девет на број.

Кацараска се осврна и на за неа, едно од најважните прашања, а тоа е воведувањето на уставната  жалба. Упати апел до политичарите да им овозможат на граѓаните за сите слободи и права да се обратат до Уставниот суд, наместо правдата да ја бараат во Стразбур, нешто коешто, како што рече, ја чини државата и даночните обврзници пари, како и нарушен углед на државата.

„Граѓаните ќе ги препознаат заложбите, затоа што уставната жалба значи дека секој може да ги ужива сите права од Уставот и да бара да му се заштитат тие права пред Уставниот суд кога e сторена повреда, без оглед на политичка, етничка или било која друга припадност. Поддршка добивме од претседателот на државата Стево Пендаровски, а министерот за правда Кренар Лога преку медиумите изјави дека ја поддржува идејата за уставна жалба. Не треба да се пропушти да се каже дека и дел од меѓународните претставници изразија поддршка за воведување на овој правен инструмент. Се надевам дека сите останати чинители ќе дадат еден сериозен пристап на прашањето за воведување на уставна жалба“, рече Кацарска.

Во одговор на новинарско прашање поврзано со времената мерка на Уставниот суд, со која се замрзна исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 проценти на вработените во Министерството за финансии и вработените во другите органи на управата, кои денес протестираа пред Уставниот суд, рече дека надополнувањето на плати согласно Законот за буџет не е утврдено право, а  како такво не е предвидено ниту со колективен договор.

„Во конкретниот предмет нарушено е владеењето на правото, една од темелните вредности на нашиот Устав. Таа категорија на вработени коишто добија не додатоци, туку надополнување на плати согласно Законот за буџет основно е дека истите немаат утврдено такво право ниту во закон, ниту во колективен договор. Значи, на секој вработен треба да му биде утврдено правото во законот или во колективен договор, а не со Законот за буџет да се надополнува некој износ од плата“, рече Кацарска.

Прашана зошто толку брзо рагирале во овој случај, а други предмети стојат и повеќе години, Кацарска рече дека времетрањето на постапката е значително намалена, но и дека не може да се стави знак за равенство за секој предмет.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ