петок, 18 октомври 2024

Јужна Кореја се согласи Јапонија да испушти радиоактивна вода од Фукушима во океанот

Објавено на

часот

Сподели

Јапонија планира наскоро да започне со испуштање на повеќе од милион тони прочистена радиоактивна вода во океанот, која досега беше складирана во нуклеарката северно од Токио и главно е користена за ладење на реакторите уништени во цунамито во март 2011 година.

Јапонија се соочи со отпор на таквиот план и дома и во странство, особено во Јужна Кореја, и покрај уверувањата дека водата, откако ќе се филтрира за да се отстранат повеќето изотопи, е безбедна.

Но, јужнокорејскиот министер Банг Мун-кју денеска им изјави на новинарите дека врз основа на повторното испитување на јапонскиот план, може да потврди дека концентрацијата на радиоактивен материјал е таква што овозможува испуштање на пречистената вода во океанот.

„Планот ги исполнува меѓународните стандарди, вклучително и оние пропишани од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, рече министерот.

Повикувајќи се на МААЕ, јужнокорејскиот министер рече дека водата ќе има „незначителен радиоактивен ефект врз луѓето и животната средина“.

Во проценката на штетноста учествуваа експерти од 11 земји, меѓу кои и експерти од самата Јужна Кореја, САД и Кина.

Но, јужнокорејската опозиција ја критикуваше владата дека се согласила со планот и смета дека таа требало да го изведе случајот пред Меѓународниот суд за права на морето.

Покрај тоа, кинески експерт кој учествуваше во проценката рече дека е разочаран од „избрзаниот“ извештај и се очекува дека Пекинг да продолжи да се спротивставува на планот.

Исто така, иако Јужна Кореја даде согласност за испуштање на оваа вода во океанот, забраната за увоз на храна и морски плодови од регионот каде што се наоѓа Фукушима сè уште останува на сила.

Контаминираната вода е третирана со АЛПС методот преку систем за филтрација со кој се отстранува најголемиот дел од радиоактивниот материјал. Сепак, не постои практичен начин да се отстрани тритиумот, радиоактивен изотоп на водород.

Радијацијата на тритиумот, кој има полуживот од 12,3 години, може да биде опасна по здравјето, но Јапонија тврди дека во испуштената вода од Фукушима радиоактивната доза ќе биде помала од една четириесеттина од меѓународните безбедносни стандарди, што е една седмина од количината која Светската здравствена организација (СЗО) ја постави како стандард за водата за пиење.

Речиси 1,3 милиони тони загадена вода, доволна за полнење на 500 олимписки базени, моментално се чува во огромни резервоари во нуклеарната централа Фукушима со трошоци од речиси една милијарда долари годишно.

Експерти од компанијата ТЕПКО која управува со нуклеарната централа и владата на Јапонија потврдија дека од радиоактивната вода не може да се отстрани само тритиум, кој во мали количини, по планираното разредување, нема да биде штетен за животната средина и за здравјето на луѓето.

ТЕПКО исто така наведува дека количината на сите други радиоактивни материјали во водата може да се намали на прифатливо ниво, но многу научници предупредуваат дека долгорочните штетни ефекти од ослободувањето на големи количини радиоактивна вода врз морскиот живот не се познати.

Несреќата во Фукушима се случи на 11 март 2011 година, по силниот земјотрес со јачина од 9 степени според Рихтеровата скала и цунамито што следеше.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ