Како што информираат од Град Скопје, новиот директор на ЈСП е Драги Кушовски, на директорското место на ЈП Паркови и зеленило ќе седне Мартин Ангеловски, додека на ЈП Улици и патишта за нов директор е назначен Ванчо Умленски.
„Кушовски, Ангеловски и Умленски доаѓаат на позициите како професионалци од приватниот сектор, со поединечни портфолија секој повеќе од 15 години работно искуство на раководни позиции. Во следниот период ќе се посветат на отстранување и надминување на предизвиците, со кои јавните претпријатија се соочуваат континуирано во изминатите децении, унапредување на работата на претпријатијата и реализација на програмските активности и проектите“, велат од Град Скопје.
Инаку, во последнте месеци автобусите на ЈСП се проретчени, дел поради дефекти и амортизираност, дел и поради заминување на возачите на работа во странство.
Дека има проблеми призна и самата градоначалничка Данела Арсовска притоа неодамна посочувајќи дека претседавачот со Советот Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ по 20-ти пат одби да ја стави на дневен ред точката за набавка на нови автобуси. Притоа, таа го посочи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека имал лажно ветување дека ќе организира набавка на 250 нови електрични автобуси за ЈСП-Скопје.