сабота, 19 октомври 2024
На Скопје му е потребен квалитетен, а не бесплатен превоз

Јовановски: Арсовска ми се налути оти ги поддржав приватните превозници, а јас само застанав на страната на правдата

На крајот на минатата година Скопје се будеше во хаос поради долг што Јавното сообраќајно претпријатие, односно Град Скопје, го имаше кон приватните превозници. Најмногу трпеа граѓаните. Околу 200 автобуси на 2 декември минатата година беа паркирани на булеварот Илинденска, а долгот си го бараа околу 300 возачи. Дури по речиси половина година приватните превозници се вратија да сообраќаат низ скопските улици, но без Слобода превоз и без Мак експрес. Градоначалничката Арсовска негираше дека им должи на приватните превозници, но проверките на УЈП покажаа дека долг постои и дека тој е 1,5 милион евра.

Објавено на

часот

Сподели

Ленин Јовановски, моторџија и долгогодишен директор на Слобода превоз, во изјава за МКД.мк е дециден, вели за хаосот во Скопје вината е само кај Данела Арсовска и кај никој друг. Признава дека градоначалничката му се налутила кога приватните превозници излегле на штрајк, но вели дека иако биле блиски и ја поддржувал за време на предизборната кампања на локалните избори, сепак одбрал да застане на страната на правдата и да се бори приватните превозници да си ги добијат заработените пари.

„Исклучиво Данела Арсовска е виновна за хаосот во кој Скопје живееше, и тоа поради непознавање на нештата. Хаосот се создаде околу исплатите и лошото менаџирање, а таа немаше капацитет ниту волја да го реши сето тоа на убав начин. Ја молев да даде пари и да се исплатат долговите мирно, но таа мислеше дека со уцена ќе забрани да се штрајкува. Граѓаните беа тие што со месеци трпеа поради немањето превоз, бидејќи големата дупка што се направи кога ги нема приватните превозници е невозможно да се пополни, а тоа беа нешто помалку од 20 линии“, вели за МКД.мк Јовановски.

Ленин

Денес ниту Слобода превоз, ни Мак експрес не се во игра и сето тоа е по желба на градоначалничката. Условот да се исплати долгот кон приватните превозници бил овие две фирми да се тргнат и да не учествуваат на тендерот.

„Ни Слобода превоз, ни Мак експрес не сме во игра и по желба на градоначалничката се повлековме и приватните превозници сега ги водат други фирми од самите превозници. Ние не сме дел од приказната. Јас не сум таму, тоа беше заради конфликтот веројатно со градоначалничката, веќе Ленин не е во игра. Слобода превоз веќе не се меша во делот што се однесува на јавниот превоз. Под Слобода превоз беа некои 80 правни лица и сега си избраа 3 други фирми и за секои три пакети е посебна фирма. Во моментов тоа се вкупно околу 105 автобуси што се потребни за тендер. Ние како Слобода превоз имавме 130 автобуси и околу 90 Мак експрес. Ниту ние, ниту тие не смеевме да се појавиме на тендерот за да можат превозниците да си ја добијат работата назад. Тоа е неофицијален договор со градоначалничката, кој никој од Град Скопје нема да сака да ви го потврди, бидејќи е противзаконски, но ние се сложивме. Така било кажано, дека ако ние се појавиме како Слобода превоз и како Мак експрес, никој од приватните превозници нема да може да работи. Монтенегро е фирмата што до денес не е исплатена и немаше право да се појави на тендерот затоа што во новите пакети им било сугерирано од градоначалничката дека ако се појавиме, нема да го реализира“, додава Јовановски.

Слобода превоз во јавниот превоз е вклучена од 1999 година и сега по толку години си оди по желба на Данела Арсовска, а никогаш немало проблеми со исплата и со долгови.

приватни

Јовановски признава дека имало доцнења во времето кога Петре Шилегов бил на функција, но, вели, тоа не биле некои неподносливи доцнења, туку во помали суми. Но откако е дојдена Арсовска, тие се зголемиле и приватните превозници се кренале на штрајк бидејќи им должеле.

„Данела ми се налути мислејќи дека јас ги организирам. Во штрајкот на приватните превозници воопшто нема политика, туку тоа беше штрајк од финансиски аспект, во кој луѓето си ги бараа парите што ги сработиле. Условот за да ги исплати беше да се тргнам јас, по што им беше исплатен долгот на сите, освен на Слобода превоз, Мак експрес и Монтенегро. Се тужевме, процесите сѐ уште траат. На Слобода превоз ЈСП му должи уште околу 9 милиони денари. Тој долг остана. Јас ѝ помагав на Данела околу кампањата, но таа ми се налути зашто превозниците се кренаа на штрајк и зашто јас ги поддржав. Не можев да не им дадам поддршка бидејќи се работеше за долг, а плус и за тоа сум платен, односно 23 години ме плаќаат да ги застапувам и не можам да ги предадам. Приватните превозници беа во право, си ги бараа парите што ги заработиле со труд. Не е сеедно по 23 години некој да ве елиминира, но во тоа не гледам неуспех. Напротив, гледам успех бидејќи приватните превозници си ги добија правата. Тврдењата на Град Скопје и на Данела дека не им должи се покажаа неточни и парите им беа вратени“, појаснува тој за МКД.мк.

На прашањето дали на Скопје може да му се случи бесплатен превоз Јовановски вели дека со овие менаџерските способности на Арсовска таа цел нема да го постигне и тоа ветување ќе остане само на хартија.

„Од аспект на тоа што го гледаме таа не може тоа да го спроведе. Проектот за бесплатен превоз има фази и се прави со квалитетно менаџирање и може да го направи некој што ја познава работата. Не е невозможно, но е комплициран процес. Бесплатен превоз нема никаде и некој треба да го плати. Е сега, за да го плати некој, треба да се обезбедат средства. Ако имаше некој намера тоа да го спроведе, можеше да го спроведе. Но ова било само еден балон, кој пукна, а јавниот превоз и ваков каков што е не може да опстои, а не па уште со бесплатен превоз. Причина е тоа што таа се испокара со сите и не може да воспостави комуникација и добра соработка со институциите и на општинско и на државно ниво. Не може да се карате со сите, туку треба правилно да го менаџирате процесот за да може да функционира. А ако вие си барате изговори дека некој друг ви е крив заради вашата неспособност, тоа не е решение на проблемот. Не може некомпетентни луѓе да се занимаваат со нешто што бара голема компетенција и стручност. Треба да имате менаџерски способности, а за тоа најмногу се надевавме кај неа, дека го познава менаџерството и ќе знае да изменаџира, но во практиката се покажа дека таа нема ни М од менаџерство“, ни изјави долгогодишниот челник на Слобода превоз.

На Скопје му треба квалитетен, а не бесплатен превоз, вели основачот на онлајн-мерните станици

Дека на Скопје му треба квалитетен, а не бесплатен превоз е ставот на Горјан Јовановски, човекот што ги направи онлајн-мерните станици и е советник во Град Скопје. Според него, предлогот за бесплатен превоз е супер, но само ако е добро организиран.

Горјан

„Бесплатниот јавен превоз е супер предлог за да се намали сообраќајниот хаос во Скопје, само доколку е добро организиран и со редовен број возила што се движат по сопствени брзи ленти. Со тоа ќе ја намалиме автоцентричноста во градот и нема да бидеме зависни од автомобилите, а младите генерации ќе може да се научат дека низ град може полесно со велосипед и автобус да се движиме, наместо со кола. Сепак, автомобилите не се најголемите загадувачи во воздухот (тоа се индустријата и загревањето), и оваа мерка нема да има голем импакт врз воздухот. Секако, ако повеќе граѓани ги остават дома автомобилите, ќе се намалат издувните гасови од нив, но тука мора да следува сериозна кампања за навистина тие што не се качуваат во автобус да го пробаат истото. Според мене, добро организираниот и ефикасен јавен превоз е побитен од бесплатен јавен превоз. Не верувам дека 30-40 денари е најголемата пречка во моментов за некој да не се качи во автобус, туку тоа што едноставно ќе се изначека, ќе седи во гужва внатре, ќе заглави во сообраќај, и на крај пак далеку ќе треба пеш да оди. Во Амстердам, каде што имам живеено 4 години, беше многу добро решен јавниот превоз со комбинација на автобуси, метроа, трамваи и возови. Секогаш во близина имаше некоја конекција, а до нив со велосипед брзо се стигнуваше. Мора да се стремиме да направиме ефикасен, а не само бесплатен јавен превоз“, вели за МКД.мк екоактивистот Јовановски.

Скопје ќе банкротира со целосно бесплатен превоз оти му требаат 45 милиони евра годишно, а тие пари ги нема, вели Крстаноски

Ставот дека на градот му треба квалитетен јавен градски превоз го дели и сообраќајниот експерт и познавач на темите поврзани со јавниот превоз, професорот д-р Никола Крстаноски, од Техничкиот факултет во Битола.

Тој за МКД.мк вели дека квалитетниот превоз е многу поважен од бесплатниот превоз, а квалитетот, како што вели, вклучува многу компоненти, односно брзина, доверливост, која значи редовност и точност во извршувањето на возните редови, соодветен капацитет, удобност, хигиена, греење, ладење…

Бесплатниот превоз во стручните кругови се појавува како идеја, но искуствата, кои се црпат пред сѐ од градот Талин во Естонија, покажуваат дека воведувањето целосно бесплатен јавен градски превоз има и негативни последици. Нивното искуство покажува дека по воведувањето целосно бесплатен јавен градски превоз се зголемил бројот на патувањата со јавен градски превоз, но истражувањата покажаа дека тоа зголемување е од постојаните корисници на тој вид превоз, а не од луѓе што претходно користеле автомобили. Конкретно за Скопје предлогот да се воведе целосно бесплатен јавен градски превоз е многу нереален, бидејќи од една страна градот Скопје е, да речам, сиромашен, а од друга страна обезбедувањето на јавниот градски превоз е врзано со огромни трошоци, кои треба некој да ги покрие. Ако превозот е бесплатен за патниците, треба да се покрие од буџетот на градот. Во работен ден за да се оствари возниот ред што е изгласан од советот на Град Скопје и кој превозниците мора да го почитуваат, дневно значи дека автобусите на ЈСП и на приватните превозници треба да поминат 65 илјади километри. Тука се трошат над 26 тони нафта, а каде ви се оние трошоци од типот на масла, гуми, одржување, возачи што работат во повеќе смени… Реалните трошоци се огромни, а приходот од билетите треба да го надомести буџетот на Град Скопје. Автобусот може да е и без патници, но сепак трошоците се тие, тој врти“, вели професорот Крстаноски за МКД.мк.

На годишно ниво на Град Скопје му се потребни околу 45 милиони евра за да имаме бесплатен јавен превоз, додава професорот по некоја груба проценка.

улици

„Во никој случај градот нема такви финансиски можности. Тоа би довело до банкрот на Градот Скопје. Набавката на нови еколошки возила е апсолутно корисна мерка, за тоа нема дискусија. Но Скопје има системски проблем, така што и да купи нови возила, повторно тие ќе бидат заглавени во сообраќај, ќе има проблеми со редовноста и точноста, ќе има проблеми со капацитетот на одредени линии. Она што недостига во Скопје е воведување нов вид јавен градски превоз, висококапацитативен и брз. Во земјите на Европската Унија има вкупно 34 града што се ранг на големина на Скопје. Во сите нив, освен во Скопје, покрај автобускиот јавен градски превоз постојат метро-системи, трамваи, регионална железница. Многу помали градови од Скопје веќе имаат метро-линија. Скопје го надраснал автобускиот јавен градски превоз и тој е таков каков што е. Во големи градови тој е само дополнителен вид превоз. Треба да има системи што се на сосема одвоена траса со приоритет на минување на крстосници. Метро-системот дава услуга на највисоко ниво, но тоа е многу скап систем. Долго време во Скопје имаше идеја за воведување трамвај, но студиите покажаа дека е премногу скапо и Скопје тоа не може да си го дозволи. Се одеше на варијанта за брз автобуски систем, кој е различен од класичниот систем. Тој би имал целосно одвоена траса и би имал апсолутен приоритет“, додава професорот.

Ќе стане ли реалност ветувањето на Арсовска за бесплатниот градски превоз, ќе го промени ли тоа главниот град и дали Скопје ќе добие лик на метропола во која ќе може полесно да се дише и нема да има метеж на секоја или на секоја втора крстосница – останува да видиме.

До тогаш ќе го следиме работењето на локалната власт и ќе укажуваме, ќе прашуваме, ќе информираме…

Бидејќи, нели, на будното новинарско око ниту еден метеж не смее да му пречи да ги согледува проблемите, а на вистинската, точна и проверена информација ништо не може да ѝ противречи.

                                                                                                               Катерина Додевска 

Возачите ја ЈСП за дополнителните одработени часови наместо пари добиваат слободни денови

Наместо да стане метропола со бесплатен превоз, во Скопје нервите ќе ви пропаднат во улични дупки и метеж 

Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ