Македонија во СРЦ Кале загуби од Литванија со 67-82 и шансите за пласман на Европското првенство ги сведе на теорија. Одигравме лошо прво полувреме и солидно второ, особено добри бевме во последниот период, но победникот веќе беше решен.
„Се боревме, но лошо го отворивме мечот, игравме под некои притисок. Литванија влезе со машка игра која судиите ја толерираа што ни беше многу чудно. Ситуациите кои беа на линија на груба игра тие не ги санкционираа. Но го разбирам тоа, тоа беше критериум на кој ние требаше соодветно да одговориме. Кога сфативме како треба да игравме бевме подобри, ја намаливме разликата, но тоа не беше доволно. Го променивме начинот на игра во одбраната, тоа се покажа како правилен потег. Сметам дека ако игравме така во текот на целиот натпревар резултатот ќе беше многу поповолен за нас. Ќе го анализираме натпреварот и ќе извлечеме поуки од овој меч“, рече селекторот Јончевски по натпреварот.
Македонија во недела гостува кај Литванија во меч од четвртото коло во квалификациите за Европското првенство, на тој меч Јончевски би требало да смета и на Нено Димитријевиќ.