„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото. Во однос на обележјата на кривичното дело – загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“, информираат од Јавното обвинителство.
Основен кривичен суд Скопје, по реакциите кои произлегоа од неправосилните одлуки на судот за случувањата во М-НАВ, денеска излезе со соопштение дека судот постапува пред се врз основа на приложената документација/докази доставени од ОЈО и МВР и врз основа на слободно судиско убедување.
Од Кривичниот суд информираат дека по добиената жалба од ОЈО Скопје за изречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката.
Судија на претходна постапка од Кривичниот суд на 5 јануари годинава им определи мерки за претпазливост на четири лица меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Тие заедно со уште четири други лица, по кои се трага, на 4 јануари упаднале во канцелариите на М-НАВ каде настанал инцидент.
„Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација“, информираа тогаш од Судот.
Поради случувањата во М-НАВ, Владата за седницата во вторник на 9 јануари најави разрешување на раководството на претријатието, а исто така се најавени и вонредни контроли за работењето. Основното јавно обвинителство Скопје, отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.