петок, 18 октомври 2024

Јелен: Одвојувањето на американската економија од Кина е „практично невозможно“

Објавено на

часот

Сподели

„Одвојувањето на двете најголеми светски економии би било дестабилизирачко за светската економија“, им рече Јелен на претставниците на американските компании, во време кога некои политичари се залагаат за таква мерка.

Некои американски политичари со месеци повикуваат да се намали зависноста на Вашингтон од Кина, во услови на зголемени геополитички тензии.

Посетата на министерката Јелен на Кина, која започна денеска, уследи неколку недели по посетата на американскиот државен секретар Ентони Бинкен во обид на администрацијата на претседателот Џо Бајден повторно да воспостави директни контакти по тригодишна речиси целосна изолација на Пекинг поради здравствената криза.

Јелен, на која ова ѝ е прво патување во Кина по преземањето на функцијата министерка во 2021 година, денеска треба да се сретне со кинескиот премиер Ли Кечијанг, кој е конкретно задолжен за економски прашања.

Утринава Јелен веќе разговараше со поранешниот премиер Лиу Хе, како и со гувернерот на кинеската централна банка во заминување, Џием Ганг, изјави претставник на американското Министерство за финансии.

Тој функционер вчера изјави дека САД не очекуваат напредок при оваа посета, но се надеваат дека може да се отвори патот за поконкретни разговори.

Вчера Јелен изјави дека нејзината посета е можност да се разговара и да се избегнат грешки во комуникацијата или недоразбирања.

Една од главните точки на несогласување се однесува на полупроводниците, со воведувањето на рестрикциите во последните месеци за да се прекине снабдувањето со американска технологија за кинеските фирми.

Кина, која сака да стане автономна во тој домен, оценува дека целта на американските мерки е да го замрзне нејзиниот напредок и да ја задржи американската надмоќ.

Пекинг во понеделникот објави рестрикции за извозот на два метали од суштинско значење за полупроводниците, чиј е главен производител, во мерки кои се сметаат за одмазда за американските рестрикции.

Зборувајќи денеска во Пекинг пред претставници на американски компании, Јелен истакна дека САД се загрижени поради новата контрола на извозот што Кина неодамна ја објави и дека Вашингтон го анализира влијанието на тие мерки.

Американските компании се повеќе се загрижени за бизнис климата во Кина, по истрагите и рациите спроведени во некои од тие компании во последните месеци.

Меѓутоа, откако беа укинати здравствените ограничувања во Кина на почетокот на годината, шефовите на големите американски компании почнаа да ја посетуваат Кина, како што се извршниот директор на Епл Тим Кук или основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс. Илон Маск, исто така, се сретна со високи кинески претставници и го посети Шангај и големата фабрика за склопување делови што неговата компанија Тесла ја отвори во 2019 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ