Јапонскиот брод бил на пат кон воени вежби во Јужното Кинеско Море, објавија јапонски медиуми повикувајќи се на владини министри. Поминувањето на воениот брод низ Тајванскиот теснец е значителна провокација на Јапонија. Токио досега избегнуваше да плови свои бродови низ теснецот за да не ја налути Кина, која Тајван и теснецот ги смета за свои.
Јапонската влада одби да го коментира потегот, повикувајќи се на тајноста на операцијата. Но, Кина денес потврди дека нејзината војска одговорила на „активноста на бродот на јапонските сили кој влегол во Тајванскиот теснец“.
„Кина многу внимателно ги следи политичките намери на Јапонија и поднесе остри приговори до Токио“, кажа портпаролот на министерството за надворешни работи Лин Џијан. Кинескиот државен весник Глобал тајмс, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека кинеската војска „ја надгледувала ситуацијата за време на минувањето на пловилата и ја држела ситуацијата под контрола“.
САД ги засилија патролите тврдејќи дека имаат право на слободно пловење во 180-те километри на Тајванскиот теснец. И Вашингтон и Тајпеј тврдат дека теснецот е дел од меѓународните води отворен за сите пловила.
Пекинг не се сложува со тоа и тврди дека има суверенитет и јурисдикција над теснецот.
Со децении провокациите во теснецот беа резервирани за американската Пацифичка флота. Но неодамна ѝ се придружија и Канада, Австралија, Британија и Франција. Пред две недели Германија за првпат во повеќе децении пловеше со два брода низ теснецот.
Тајван не го коментираше минувањето на јапонскиот воен брод, но министерството за одбрана на одметнатиот остров вчера соопшти дека забележал пораст на бројот на кинеските воени авиони кои летаат околу островот.