Проблемите со кои се соочуваат студентите во студентскиот дом „Пелагонија“ ќе се решат за два до три дена, најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Значи слушам различни шпекулации. Директорот на Студентскиот дом не си ја извршува својата функција и затоа ќе мора да преземеме чекори, во најблиска иднина да побараме и поставиме нов директор. Да, студентите се жалат дека нема топла вода, храната е на навистина ниско ниво и не можеме да дозволиме неодговорни луѓе и понатаму да си играат со судбината на студентите. Младите се исклучително важни за оваа држава. Ние обезбедуваме средства од буџетот, од граѓаните и секој раководител мора сериозно да си ја сфати работат“, вели Јаневска.
Недостаток на топла вода, нефункционални лифтови, стаорци во тоалетите, протечени ѕидови и намален квалитет на храната, се само дел од предизвиците со кои се соочуваат студентите во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.
Објектот речиси еден месец функционира без директор, откако последниот си дал оставка во октомври, а нов вршител на должноста сè уште не е назначен. Поради тоа, нема кој да стави потпис на одлуките и да ги „повлече конците“ за решавање на студентските маки.