сабота, 20 јули 2024

Јадровски: Во училиштата сѐ уште постојат сегрегација, дискриминација и вознемирување

Само преку инклузивно и квалитетно образование може да се превенира создавањето стереотипи и предрасуди од најмала возраст и да се работи на градење на поеднакво и поправедно општество, ослободено од дискриминација, рече денеска претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дикриминација (КСЗД) на конференцијата за инклузивно образование „Разговори за еднаквост“. Министерството за образование и наука (МОН) низ широка дебата со вклученост на родители, наставници, практичари и стручната фела ќе пристапи кон измени на инклузивното образование на децата со посебни образовни потреби, изјави пред почетокот на конференцијата ресорната министерка Весна Јаневска.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

„Преку досегашната работа на КСЗД детектирани се повеќе сериозни системски проблеми и дискриминаторски практики во основното и средното образование. Пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот на Елмазова и   други против Северна Македонија најдобро ја покажува сѐ уште постоечката системска сегрегација на учениците Роми во основното образование. Сегрегацијата, дискриминацијата и вознемирувањето на ученичката со Даунов   синдром во основно училиште во Гостивар силно ја акцентира потребата за унапредување и подобрување на инклузивното образование во основните училишта. Недостигот на образовни асистенти во средните училишта за учениците со посебни образовни потреби укажува на итна потреба од измени и   дополнувања на законската регулатива. Последниот случај на булинг, дискриминација, вознемирување и виктимизација врз основа на сексуална ориентација на ученик во средно  училиште во Велес укажува на потребата за   превенција на дискриминацијата во средните училишта и сензибилизација на наставниот и техничкиот кадар во училиштата“, истакна претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Јадровски.

Од КСЗД очекуваат дека со Министерството за обрзование и наука (МОН) ќе ја подобрат соработката која досега, како што рече претседателот на Јадровски,   „не е на завидно ниво“, нагласувајќи дека образованието е една од нивните клучни стратешки области и оти само преку инклузивно и квалитетно образование може да се превенира создавањето стереотипи и предрасуди од најмала возраст и да се работи на градење на поеднакво и поправедно општество, ослободено од дискриминација.

Јадровски нагласи дека КСЗД му е на располагање на МОН во спроведување  на  системските промени од  аспект  на превенција и заштита од дискриминација и промоција на принципот на еднаквост во образованието.

„Очекуваме да бидеме вклучени во постоечките работни групи за најстратешките закони од областа на образованието, како што се Законот за основно образование, Законот за средно образование и Законот за учебници за основно и средно образование“, рече Јадровски.

Министерството за образование и наука (МОН) низ широка дебата со вклученост на родители, наставници, практичари и стручната фела ќе пристапи кон измени на инклузивното образование на децата со посебни образовни потреби, изјави пред почетокот на конференцијата ресорната министерка Весна Јаневска. Таа уште кажа дека се работи за комплексна и многу деликатна тема којашто ќе биде во фокусот на МОН.

Од укажувањата на родители и наставници, рече таа, сегашниот концепт на тотална инклузија на овие деца во редовната настава кај нас е неуспешна и има поплаки од родители кои сметаат дека на овој начин нивните деца дополнително се дискриминирани.

Јаневска кажа дека во новиот пристап родителите широко ќе бидат опфатени затоа што тие, рече, „не сакаат како во минатото нивните деца да бидат предмет на сожалување, туку бараат поддршка од државата за нивните деца колку што е можно повеќе да се осамостојат“.

„Децата со посебни образовни потреби нема да се препознаваат преку нивната дијагноза, туку преку потенцијалите кои ги стекнуваат во образовниот систем. Ќе има во иднина дополнувања и измени во начинот на којшто се спроведува инклузивното образование на децата со посебни образовни потреби и, секако, поголема поддршка во бројот на асистенти. Се разбира дека има проблеми бидејќи состојбата на буџетот не е добра, но ние ќе сториме максимум за да можат тие деца со домашни образовни асистенти нормално да се вклучат во образовниот процес. Не станува збор дека оваа Влада има намера дечињата кои имаат посебни образовни потреби да ги издвојува, селектира и на некој начин и дискриминира. Значи, сите оние дечиња кои можат да одат во редовна настава ќе си одат во редовна настава. Но, има родители кои се жалат, цели здруженија кои се жалат, дека нивните деца не можат да ја следат наставата затоа што ниту наставниците ниту образовните асистенти можат да се справат со тој проблем“, изјави Јаневска.

Појасни дека ќе се бара решение во општинските училишта со ресурсен центар, но само за тие што не можат да следат редовна настава. Како што рече, за децата со мултихендикеп и за децата со повисока интелектуална попреченост предлагаат да останат таканаречени посебни училишта кои постоеја до пред четири години.

„Притоа ќе им дадеме можност на родителите, која сега ја немаат, да одберат во согласност со Комисијата за функционална проценка, во какво училиште или во какво училиште со ресурсен центар ќе сакаат нивните деца да учат. Ова ќе го направиме релативно брзо, треба и законско решение да донесеме, но освен тоа што разговаравме со неколку здруженија, родители и наставници, ќе ја вклучиме повеќе и стручната јавност, експертите од универзитетите кои со години се занимаваат со оваа проблематика“, рече министерката.

Додаде и дека проблемот со инклузија не е само кај децата со посебни образовни потреби, туку и кај децата Роми кои, како што рече, во релативно голем дел воопшто не се опфатени во образовниот систем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ